(ВИДЕО) Живот без вода на петнаесетина километри од Скопје

3 mins read

По многу предизборни ветувања и по два проекта на две влади – жителите на селото Долно Количани, оддалечено 15-ина километри од центарот на главниот град, сè уште имаат големи проблеми со водоснабдувањето. Тие стануваат уште поголеми налето. Градоначалникот Азим Садики вели дека последниот проект на Владата и ТАВ е готов и дека жителите наскоро ќе добијат индивидуални приклучоци, но и водомери за да се води евиденција кој-колку троши и да се наплаќа водата. Погледнете ја репортажата

На петнаесетина километри од центарот на Скопје се наоѓа Долно Количани – живо село со речиси две илјади жители и една голема мака.

„Јас сум Кенан Азизовски, живеам во ова златно село Дoлно Количани, не си го менувам, не знам за што, ама поради водата, некогаш ми оди искрено да ви кажам да го сменам. Земав, такакажано, една чајџилница, ама да ви кажам искрено разочаран сум. Луѓе, 21 век, еве јас како функционирам. Ми импровизира еден мајстор некоја си пумпичка тука и сега јас техничка вода, гледајте. За да измијам јас две чаши, мене ми е потребно струја, повеќе ми оди во тоа“,

се пожали првиот наш соговорник.

Проблемот со водата на работното место е пресликан и во домот на Кенан. Неговата куќа, како и другите домаќинствата во Долно Количани, се поврзани на водоводна мрежа. Но, таа се полни од стар резервоар, па вода има еднаш во два дена. Додека тече чешмата се прават залихи за следните два дена.

„Еден ден имаме, еден ден немаме. Еве, сега во случајов денеска и е редот на чешмава, има сега во овој момент и еве како функционираме. Она нема 2 саати, еве како ја пуштаме и еве како функционираме. Тука имам цистерна за техничка вода. Значи, ја полниме вака, ова собира еден тон и сега ние треба да ја штедиме оваа вода денес, утре цел ден, дури задутре до 11 часот треба да штедиме. Помалце да се бањаме, помалце садови да миеме. Ова треба да стигне во наредниве 48 часа“,

раскажа Кенан.

Кенан Азизовски – жител на село Долно Количани

Кога ќе снема вода, залихата се користи низ куќата со хидрофор.

Селото расте, па проблемот само се зголемува веќе 30 години. Летно време, веќе нема ниту капка вода.

Вода ветувал и поранешниот премиер Никола Груевски, по што Владата направила проект, а во селото копале и багери. Денеска на местото е останата само празна бушотина.

„Е, сега можеме да пуштиме едно камче, да видиме дали има или нема вода. Илјадници евра се отидени од граѓаните во празно, како овој камен што отиде во празно, така се отидени и парите на селаните на Долно Количани“,

рече Ипо Сејфула – жител на Долно Количани.

Пари за водовод во Долно Количани, поточно за изградба на нов резервоар и водоводна мрежа, одвои и владата на Зоран Заев во 2021 година. Средствата ги доби Општината Студеничани, преку ТАВ-програмата.

Планот е овој резервоар да се полни од три планински извори. Според жителите, издашноста на изворите не е доволна за потребите на селото.

„Тука се трите извори, постоечките, по ред, отворени се за да се појачат капацитетот. Мислиме дека со тоа нема којзнае колку да се измени капацитетот, додека Салаковска река не се направи за да се појача тој капацитет. Оваа не е доволна вода за да се задоволи населението со постоечките извори. Резервоарот да се полни со Сакаловска река и со постоечките извори се појача капацитетот, ама за 400 куќи капацитетот е многу мал“,

додава Сејфула.

Ипо Сејфула – жител на с. Долно Количани

Новиот резервоар уште не е пуштен во употреба, но низ селото е спроведена секундарната мрежа. Градоначалникот на Студеничани, Азем Садики, вели дека проектот на ТАВ и Владата привршува и дека потоа Општината ќе ги направи индивидуалните приклучоци за домаќинствата. На крај, ќе се постават и водомери.

„Ќе има две цени на водата, едната цена до таa кубикажа којaшто е потребно за едно домаќинство и тие потрошувачи што ќе трошат поголема количина тие ќе им наплатуваме по друга цена“,

кажа градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики.

За критиките дека и новиот резервоар нема да собира доволно вода, Садику вели дека Општината паралелно работи на обезбедување на вода за повеќе села и тоа преку цевковод од Салаковските езера. Приклучок на тој цевковод ќе има и Долно Количани.

„Кога ќе се рализира до крај и овој цевковод, ќе се носи од горе водата, како резерва и за Долно Количани ќе има приклучок и тогаш мислам дека никогаш нема да има проблем за вода и Долно Количани и Пагаруша и Горно Количани и Црвена вода и село Вртекица“,

вели Садики.

Азем Садики – градоначалник на Општина Студеничани

Формално, Владата на 10 март добила известување од ТАВ дека проектот е завршен, иако, според градоначалникот на Студеничани, уште се довршуваат финеси, пред да почнат индивидуалните приклучоци.

Жителите, пак, се чини, веќе се откажале од идејата дека дома би можеле постојано да имаат вода.

„До ден-денеска со таа вода, јас сум 70 години, се само вода, вода, вода и никако да дојде таа вода во Количани“,

вели Мефаил Мефаил – жител на село Долно Количани.

Мефаил Мефаил – жител нас. Долно Количани

„Зашто не ги оставиме луѓето да живеат во село, туку со сила ги тераме да се преселат во град“,

прашува Ипо Сејфула.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Такер Карлсон се сели на Твитер

Следно

Министерот Чавушоглу се состана со неговиот руски колега Лавров

Latest from Blog