Уставниот суд утврди дека нема дискриминација во одлуката за разрешување на Ерол Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, на 28 јуни 2024 година.
Судијката Ана Павловска Данева изјави дека Судот едногласно констатирал дека нема полова или политичка дискриминација во одлуката донесена од претседателката Гордана Силјановска Давкова.
„Судот едногласно одлучи дека нема ниту полова, ниту политичка дискриминација во одлуката за негово разрешување од претседателката Гордана Силјановска Давкова. Ние како Суд утврдивме дека тука нема дискриминација бидејќи самите изјави на Претседателката не претставуваат доказ дека некој е дискриминиран и дека заложбата за поголема застапеност на жените на високи функции е заложба на секој еден граѓанин“, изјави Павловска Данева.
Таа објасни дека директорот на Агенцијата не бил, ниту смеел да биде, член на политичка партија, што ја исклучува политичката дискриминација. Во однос на половата дискриминација, Павловска Данева нагласи дека изјавите на претседателката за поголема застапеност на жените на високи позиции не претставуваат основа за дискриминација.
Подносителот на барањето тврдеше дека бил дискриминиран по основ на пол и политичка припадност, со образложение дека одлуката за негово разрешување не била доволно образложена и дека бил заобиколен во комуникацијата со претседателот.
ИЗВОР: ТВ 21