Парите од унгарскиот кредит од 250 милиони евра не можат да стигнат до компаниите поради тоа што Владата не усвоила на седница два договори, дознава ТВ 21. Станува збор за договорот како парите би се префрлале до Развојната банка и вториот со деталните критериуми. Според нашите извори тие мора да поминат на Влада, да се достават до Развојната банка, која ќе ги достави до комерцијалните банки, по што ќе може да почне одобрување на кредитите.
Но, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во емисијата Бизнис 21 топката ја префрли кај Развојната банка.
„Производот како финален производ, тоа е производот кој што Развојната банка треба да го достави до владата. Видете тоа не зависи од нас. Премиерот многу прецизно кажал дека на почетокот на јануари парите ќе можат банките веднаш да ги добијат. Но ние многу јасно кажавме дека парите ќе ги префрламе откако ќе има нели листа на компании на кои што им се одобрени кредити од комерцијалните банки ќе ја информираат развојната банка и потоа ќе правиме трансфер на средства“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Од Развојната банка се без коментар. Само премиерот Христијан Мицкоски е убеден и неколку пати изјавува дека парите ќе стигнат кај компаниите во јануари.
„Од јануари. Има некои процедурални работи кои што мора да се завршат. Од јануари“, вели Христијан Мицкоски.
Но, според нашите извори Владата и утре на седница да ги помине двата договори, има процедура и во Развојната банка, но и кај комерцијалните банки и аплицирањето и одобрувањето нема да оди така брзо.
Банките го немаат добиено договорот од Развојната банка со кои јасно и детално се определуваат под кои услови и кои фирми од кои сектори, ќе можат да поднесат барање за кредит. Тој договор оди на усвојување кај надзорните одбори на банките, по што ќе почнат процедурите за аплицирање. Иако банките „навиваат“ тоа да биде што поскоро, реалната проценка е во февруари.
Инаку каматната стапка за парите од унгарскиот кредит за компаниите е 1,95 проценти, со тригодишен грејс период и отплата до 15 години. За да добијат кредит, бизнисите ќе мора да имаат минимум 20 проценти учество, а можат да сметаат на кредитирање со најмногу до десет милиони евра.
ИЗВОР: ТВ 21