Туберкулозата, најсмртоносна заразна болест во светот во 2021 година по Ковид-19

2 mins read

АНКАРА (АА) – Туберкулозата е регистрирана како најсмртоносна заразна болест во светот по Ковид-19 во 2021 година, кога од оваа болест починале 1,6 милиони луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), јавува Анадолу.

Туберкулозата е заразна болест што се пренесува преку воздух и може да ги зафати сите ткива и органи како белите дробови, коските, очите и кожата.

Иако болеста може да се лекува благодарение на научните истражувања, туберкулозата продолжува да одзема сериозен број животи низ светот секоја година.

Според СЗО, околу 10,6 милиони луѓе, од кои 1,2 милиони деца, се разболеле од оваа болест на светско ниво во 2021 година, а 1,6 милиони починале.

На 24 март секоја година, во светот се одбележува Светскиот ден на туберкулозата за да се подигне јавната свест за болеста што може да се спречи и излечи.

Тереза Касаева, директорка на Глобалната програма за туберкулоза на СЗО, рече дека 2023 година е клучна година да се поттикне агендата кон ставањето крај на болеста, бидејќи, како што нагласи, има неколку можности на високо ниво да се подигне свесноста, да се зголеми политичката посветеност и зголемување на инвестициите за борба против туберкулозата.

„Темата на светскиот ден за борба против туберкулозата 2023 „Да! Можеме да ставиме крај на туберкулозата!“, го одразува ова и има за цел да поттикне надеж и лидерство на високо ниво, да ги зголеми инвестициите, побрзо прифаќање на новите препораки на СЗО, усвојување иновации, забрзано делување и мултисекторска соработка за борба против епидемијата на туберкулоза“, рече Касаева во видеопорака.

Таа нагласи дека и покрај глобалните напори за борба против туберкулозата, речиси 4.400 лица ги губат своите животи дневно, а околу 30.000 се разболуваат, „додека глобалните напори за борба против туберкулозата спасиле околу 74 милиони животи од 2000 година наваму“.

– Над 80 отсто од смртните случаи се во земјите со низок и среден приход –

Лицата кои страдаат од неисхранетост се соочуваат со тројно поголем ризик во споредба со другите. Околу 2,2 милиони случаи во 2021 година се проценува дека се предизвикани поради недоволната исхранетост.

Над 80 отсто од смртните случаи од туберкулозата се јавуваат во земјите со низок и среден приход.

– Повеќе од две третини од случаите се во Јужна Азија и Африка –

Иако се среќава во секој регион во светот, Јужна Азија предничи меѓу регионите каде туберкулозата била најчеста во 2021 година. Според извештајот на СЗО, 46 отсто од случаите во 2021 година се регистрирани во Јужна Азија, а 23 отсто во Африка.

Во извештајот на СЗО се нагласува дека две третини од случаите на туберкулоза во светот во 2020 година биле забележани во осум земји – Индија, Индонезија, Кина, Филипини, Пакистан, Нигерија, Бангладеш и Демократска Република Конго.

– Глобалната борба против туберкулозата –

Откако СЗО ја прогласи туберкулозата за „глобална опасност“ во 1993 година, преземени се чекори за борба против болеста низ целиот свет.

Обединетите нации (ОН) поставија една од своите цели за одржлив развој за ставање крај на болеста до 2030 година. Понатаму, СЗО го имплементира Акциониот план за туберкулоза за европскиот регион на СЗО 2023-2030 како дел од својата стратегија за ставање крај на туберкулозата.

Акцискиот план има за цел да ја намали инциденцата за 80 отсто и смртните случаи за 90 отсто во европскиот регион на СЗО, вклучувајќи ја и Туркије.

Дијагностицирањето и лекувањето на туберкулозата е бесплатно во сите здравствени установи во Туркије.

Сите лекови што се користат во лекувањето на болните од туберкулоза се исто така обезбедени од турското Министерство за здравство.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Во турскиот град Малатија се сруши петкатна зграда

Следно

Ќерка ми се тресеше од страв и врескаше: Мајката раскажа што се случило со дефектологот во Скопје

Latest from Blog