Додека во Србија граѓаните реагираат бурно поради високите цени на црешите – кои достигнуваат и до 700 динари, односно околу 371 денар – на македонските пазари ова овошје стана вистински луксуз. На некои зелени пазари во Скопје, килограм први рани цреши се продава и за 1.359 денари, што е речиси четири пати повеќе од српските пазарни цени.
Цената на црешите и во двете земји бележи раст поради слични причини: лоши временски услови во текот на пролетта, зголемени трошоци за производство, инфлација и намален род. Но, во Македонија оваа комбинација резултираше со рекордно висока цена, која го надминува и нивото на повеќето увозни овошја.
Продавачите велат дека се работи за први, рани цреши од Струмичко и Валандовско, и дека цената ќе паѓа во наредните недели. Сепак, за многумина останува прашањето – дали црешите стануваат овошје достапно само за „елитата“?
Пред истекот на владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите за над илјада основни производи, надлежните од Владата и Министерството за економија најавија засилени инспекции и уверуваа дека нема да дојде до драстичен раст на цените. Сметаа дека пазарот ќе остане стабилен, без поголеми потреси.
Но, реалноста ги демантираше овие оптимистички прогнози – цените скокнаа веднаш по укинувањето на мерките. Сега останува прашањето: дали и какви нови мерки ќе преземе Владата за да им помогне на граѓаните и да го амортизира ударот врз домашниот буџет?
ИЗВОР: racin.mk