Премиерот Мицкоски го спореди однесувањето на Бугарија кон нашата земја со она на Русија кон Украина. Ваквата изјава следува по вчерашните рафални критики и обвинувања од бугарска страна од каде Македонија беше оквалификувана дека има непријателски однос и покрај тоа што бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев го навреди Мицкоски нарекувајќи го северномакедонски премиер.
„Не очекувам од нашиот источен сосед и од оваа Влада да испрати поинаква порака. Сега тие мора пред нашите европартнери и партнери во НАТО да испратат порака и да рефлектираат порака со која што ќе не обвинуваат нас дека ние сме тие, а во суштина светот и Европа виде која беше целта на бугарските политичари, која во ништо не се разликува од онаа цел која што ја има руското раководство во Украина а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг“, вели Христијан Мицкоски.
Тој воедно истакна и дека Бугарија со ваквиот однос не го спроведува Договорот за добрососедство, а како што истакна, се покажа и која е целта на бугарските политичари.
„Наместо да ја подадат раката на Македонија, наместо да не поддржуваат во патот кон полноправно членство во Европската унија што впрочем е и дел од Договорот за добрососедство тие, гледате, имаат поинаква цел и добро е што сите успеаја да видат и добро е што сите сега веќе знаат која е крајната цел дека не се неколку стотини македонски граѓани да бидат дел од Уставот туку таа е многу подлабока и многу поопасна и за самата Европа“, вели Христијан Мицкоски.
Реториката меѓу Бугарија и Македонија се заостри по отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик во Извештајот на Европскиот парламент по барање на бугарските европратеници, по што бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев обраќајќи се кон Мицкоски го употреби терминот северномакедонски премиер. Македонското МНР за ова упати протесна нота а бугарскиот премиер Росен Жељасков побара од Мицкоски да се извини.
ИЗВОР: ТВ 21