Тринаесетгодишно дете со сериозна повреда на раката од петарда е примено на Ургентниот центар на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ) за време на новогодишната ноќ. Детето е оперирано на Детската клиника, но според д-р Игор Мерџаноски, повредата ќе остави траен инвалидитет на раката.
Во текот на новогодишната ноќ, на Клиниките за токсикологија, хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и ТОАРИЛУЦ е забележан намален број пациенти во споредба со минатата година.
На Клиниката за токсикологија биле примени 21 пациент со акутни труења од алкохол, меѓу кои и еден случај на мешање алкохол со таблети.
„Новогодишното дежурство помина релативно мирно. Прегледани се 21 пациент, од кои 18 со акутни труења од алкохол. Четири пациенти се жени, а 14 мажи. Најмладата пациентка има 17 години, а најстарата 26. Од машките, најмладиот пациент има 14 години, а најстариот 38. Сите пациенти се пуштени на домашно лекување,“ изјави д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.
На Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се прегледани 81 пациент, што е вообичаен број.
„Имавме пет пациенти од сообраќајки, тројца од физички пресметки и три операции. За среќа, кај нас немаше повреди од петарди за време на новогодишната ноќ, иако овој месец имавме околу 50 повреди од петарди кај малолетници. Петардите со поголемо барутно полнење сè почесто предизвикуваат траен инвалидитет кај пациентите,“ изјави директорот, д-р Небојша Настов.
На ТОАРИЛУЦ биле примени 35 пациенти, девет од нив поради сообраќајни несреќи со лесни повреди, а две лица се резултат на физички пресметки.
ИЗВОР: ТВ 21