Косовскиот тренер во таеквондо Ваљмир Фетиу доби шестмесечна суспензија поради испадот што го имаше за време на Европското првенство во млади категории кое се одржа во Тирана.
Во финалето, 8-годишната Валина Фетиу загуби од српската противничка Нина Савиќ, па следуваше несоодветна реакција од Ваљмир кој освен што е нејзин тренер и е и татко.
Ваљмир реши со шлаканица да ја „дисциплинира“ својата ќерка поради поразот во финалето. По оваа негова непедагошна реакција, самиот тренер реши да се оправда.
„Валина е моја ќерка и никој не ја сака повеќе од мене. Во моментите кога девојчето беше дезориентирано и луто бидејќи загуби од српската натпреварувачка, лежеше на земја неспособна да го прифати поразот. Едноставно, сакав да ја смирам и да ѝ ставам до знаење дека и покрај поразот, таа е вицешампионка и ќе има и други шанси за победа.“, рече Ваљмир, кој сепак нема да ја избегне шестмесечната суспензија.
„Косовскиот таеквондо тренер Ваљмир Фетиу е суспендиран на шест месеци од Европската федерација на овој спорт. На европскиот натпревар за деца во Тирана, Фетиу му удри шлаканица на својот осумгодишен натпреварувач, која е и негова ќерка. Инцидентот е снимен и Европската федерација во неделата објави дека селекторот е суспендиран на шест месеци од сите меѓународни и домашни активности“, објави порталот “КОХА: на албански јазик.
Извор: kurir.mk