После утрешното сослушување, наводно тој веднаш ќе се врати на Флорида каде блиски извори до него, најавуваат дека ќе учествува на настан на кој ќе се обрати јавно
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја напушти Флорида и се упати кон Њујорк каде утре ќе се појави во судот во Менхетен за да го слушне обвинението против него во врска со исплатата на 130 000 долари на порно актерката Сторми Даниелс во замена таа да молчи за нивната афера.
Според „Си-ен-ен“, Трамп ноќта ќе ја помине во „Трамп кулата“ и не се очекува долго да остане во Њујорк. При пристигнувањето, пред „Трамп кулата“, како што јавија американските медиуми, имаше полициско обезбедување и група негови поддржувачи кои се насобрале да му дадат поддршка.
После утрешното сослушување, наводно, веднаш ќе се врати на Флорида каде блиски извори до него, најавуваат дека ќе учествува на настан на кој ќе се обрати јавно.
Трамп е првиот актуелен или поранешен претседател на САД против кого се води кривична постапка, а исплатата за која се гони била направена во 2016 година непосредно пред претседателските избори на кои тој победи.
Ваквиот тип на исплати не се забранети во САД, но она што обвинителите сакаат да го докажат е дека за да ѝ плати на порно актерката во замена за нејзиниот молк, Трам ја фалсификувал финансиската евиденција што е казниво во државата Њујорк.
Извор: 360stepeni.mk