Две нови, современо опремени амбулантни возила пристигнаа во ЈЗУ Здравствен дом „Нада Михајлова“ во Пробиштип, информира градоначалникот Тони Тоневски.
Според него, возилата ќе придонесат за подобри услови за работа на службата за итна медицинска помош и за побрзи и поефикасни интервенции во градот и во околните населени места.
Тоневски ја оцени инвестицијата како значајна за општината, нагласувајќи дека со новите возила се подобруваат можностите за обезбедување итна медицинска помош и теренски услуги за граѓаните.
Тој упати благодарност до Владата и до надлежните институции кои ги овозможиле набавката и распоредувањето на возилата и придонеле за подобрување на условите во здравствената установа.
„Вложувањето во здравството е вложување во највредното – здравјето и животот на граѓаните“, порача Тоневски.

