Таравари најавува нов закон: „Сите констатираа дека Балансерот не функционираше како што треба“

1 min read

Сите констатираа дека „Балансерот“ не функционираше како што треба, но потребен е нов закон за правичната застапеност, бидејќи тоа е веќе уставна категорија. На овој начин одговори Арбен Таравари, министер за здравство, воедно и дел од коалицијата ВРЕДИ на реакциите за укинувањето на Балансерот.

Тој се надева дека новиот закон, кој што тие го подготвувале ќе се најде на дебата следната недела, а според неговите најави со него ќе бидат опфатени сите маргинализирани групи во општеството, не само етничката застапеност.

-Нов закон кој што се надевам дека идната недела ќе биде на дебата и ќе бидеме во координација со партнерите во коалција. Балансерот е констатиран од сите страни дека не функционираше како што треба и ни треба закон за правична застапеност, не само етничка, туку и за сите категории кои што се да речам маргинализирани во општеството. Ви велам, ни треба јавна дебата, ни треба синхронизација, бидејќи правичната застапеност веќе е уставна категорија, и секогаш кога нешто е уставна категорија за тоа треба да постои и закон, изјави Арбен Таравари од АА/ВРЕДИ.

Дека се разговарало внатре во владината коалиција за изнаоѓање законско решение за правична застапеност, потврди и премиерот Христијан Мицкоски. Но, неговиот став е како и на Таравари и останатите партии, секако освен ДУИ, дека Балансерот го надживеал своето време.

-Ние разговараме во рамките на коалицијата, коалицијата има демократски механизам, Бадинтерот е уставна категорија, многу пати во минатото зборувавме дека Балансерот не само што го има надживеано своето време, туку и се злоупотребува и дека треба да се избрише и да, да се најде законски механизам со кој што ќе се регулира правичната застапеност, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Уставниот суд практично со одлуката од пред неколку дена дека институциите не смеат да бараат етничка припадност на конкурсите за вработување во јавниот сектор, го укинаа „Балансерот“. Ова нивно произнесување беше на поднесена иницијатива од страна на Државната комисија за спречување на корупција, по претставките поднесени до нив за злоупотребата на етничката припадност при аплицирањето за вработување.

Правичната застапеност во институциите беше еден од главните уставни постулати по потпишувањето на Охридскиот договор со кој е завршен воениот конфликт во 2001 година, а „Балансерот“ како алатка беше воведен во 2016-та година.

ИЗВОР: ТВ 21

Претходно

Тошковски најави засилување на видео-надзорот и присуството на полициски службеници откако двајца првооделенци се обиделе да силуваат соученик

Следно

Мицкоски: Жалам што Ахмети правата на бугарската заедница ги користи како дневна политика, но тоа е негова стратегија

Latest from Blog