Судија или обвинител – Професии со „пресметан“ ризик

4 mins read

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на само две недели до истекот на мандатот се соочува со два посериозни инцидента.

Првиот се случи на 15 мај 2024 година кога импровизиран кревет и забоден нож биле пронајдени во подземна гаража кај нејзиното паркинг место. Вториот се случи минатиот викенд кога таа додека седела кафуле добила закани од непознат маж кој според пријавеното во Министерство за внатрешни работи (МВР) и рекол:

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш!“.

По инцидентот во изјава за Радио Слободна Европа Кацарска вели дека ова не е прв пат да има закани, но се случил и физички напад врз неа додека била на одмор во Грција.

„Моите сомнежи нема да ги изнесувам јавно, дали се поединци, случајни минувачи или некој стои зад нив не би коментирала, но би кажала дека не се случува прв пат. Од моментот кога почнав да ги судам предметите на СЈО, потоа и процесот 27 април се случија неколку немили настани во мојата канцеларија, на летување во Грција бев и физички нападната, но последниот период зачестија“, вели Кацарска за РСЕ.

Добрила Кацарска

Добрила Кацарска

Таа околу шест години има обезбедување кое и го додели МВР после проценка дека има ризик по нејзината безбедност, особено како судија во предметот на Специјалното јавно обвинителство познат како „Тенк“, во кој првообвинет и во отсуство беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски. Не сака да поврзува ниту еден случај кој го судела со оние кои и се закануваат, но вели дека стои зад секој збор во било која пресуда која ја донела.

„Не се чувствувам безбедно, но никој не може да ме поколеба да продолжам да работам како и досега, не стравувам од никого и од ништо, бидејќи зад мене имам беспрекорна кариера од 37 години како судија во Кривичниот суд и во Уставниот суд која ја градев чесно и професионално. Никој не може да ме исплаши или да ми изврши влијание.“, вели Кацарска.

Судијката Добрила Кацарска беше судечки судија додека судеше во Кривичниот суд Скопје во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство како што се „Тенк “, „Триста“, „Транспортер“ во кои изрече затворски казни за обвинетите високи функционери на ВМРО ДПМНЕ . Таа ја донесе и пресудата за инцидентите кои се случија во Собранието на 27 април 2017 година против 16 обвинети, кои беа осудени на вкупно 211 години затвор.

Инаку до крајот на мандатот како претседател на Уставен суд, Кацарска има уште десетина денови.

И пензионираната Русковска се уште има обезбедување

Пензионираната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска се уште шета со обезбедување кое и го „чува грбот“.

МВР и го додели кога Русковска беше назначена за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Полицијата проценила дека од тој момент и треба заштита. Русковска во телефонски разговор за Радио Слободна Европа вели дека во последно време имала по некои како што вели „ситни“ дофрлања од непознати луѓе, но не им придава значење.

„Имав една вербална закана, баш беше во продавница. Во смисла ќе видите вие што ќе ве снајде, нашите ги судите, но јас само се насмеав и одговорив дека не постојат наши и ваши. Но јас ова не сум го пријавила, кој што сака нека зборува, сепак е слобода на говор. Се разбира ако дојдам во ситуација за опасност или физички напад, би пријавила. Има институции и тие се оние кои треба да направат проценка“, вели Русковска.

Обвинителката Вилма Русковска

Обвинителката Вилма Русковска

Од друга страна на социјалните мрежи се почесто може да се забележат невкусни и навредливи коментари, често наликува како организирана хајка против неа. Таа пак вели дека нема профил на овие мрежи и не следи што се случува.

„Понекогаш пријатели ќе ми пуштат што се пишува, но тоа не ме вознемирува“, кусо додава Русковска.

Смета дека нивната професија е ризична, но ако не го прифатиш тој ризик подобро да не ја работиш, вели Русковска.

Таа во јавноста беше експонирана како обвинител во процесот за инцидентите од 27 април. Го водеше и случајот против поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и сопственикот на тогашната 1ТВ, Бојан Јовановски (Боки 13).

Во два наврати додека беше на чело на обвинителството доби писма со закани, но сторителот заврши во притвор поради закани и кон заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Советот на јавни обвинители ја разреши по отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство поради претресот во просторите на Управата за финансиска полиција летото 2022 година, додека директор на оваа институција беше Арафат Муареми.

Директорот на Идризово заднината за запаленото возило ја гледа во реформите во затворот

Во ист ден кога Кацарска пријави дека се оставени сомнителни предмети во нејзината гаража, во МВР е пријавено и палење на возило кое го користел директорот на затворот Идризово, Зоран Јовановски.

Ноќта експлодирало веднаш под прозорците на неговите соседи во зграда во Кисела Вода. Во разговор за Радио Слободна Европа вели дека не случајно настанот се случил на неговиот роденден и дека има порака кон него.

„Затегнав некои работи во рамки на функционирањето на КПУ Идризово особено околу изборите и не дозволив некои малверзации. Има некои недефинирани состојби кои сега мора да се решат и веќе се предмет на дискусија особено поврзани со правилниците донесени од претходните раководства. На пример оддалечување од установата се третира како полесен прекршок, а тоа е класично бегство и слично. Некоја помала група затвореници е засегната од ова, но оставам МВР да го расветли случајот“, вели Јовановски.

Инаку затворот Идризово до август се наоѓа во прогласена кризна состојба, поради немање доволно стражарска служба.

Дел од обезбедувањето пак си заминаа од работните места токму поради притисоци и закани, но и во неколку наврати поради палење на нивните возила. Јовановски после неговиот инцидент очекувал осуда од оние кои декларативно се залагаат против организираниот криминал, но не ја добил.

Тој беше поротник и член на судечкиот совет во процесот за осудените за „27 април“ и инцидентот се случи во иста ноќ со оној кај судијката Кацарска, но Јовановски не ги поврзува двата настани. Се сомнева во друг мотив – реформите што ги спроведува во затворот.

МВР се уште нема сторители

ОД Министерството за внатрешни работи велат дека се работи на сите пријавени случаи, но детали не откриваат. Човекот кој и се закануваше на Кацарска го идентификуваа – се работи за 57 годишен маж од Богданци, но иако најавија, се уште не поднеле кривична пријава.

За оставените предмети како порака сторител се уште не е откриен. МВР нема ниту идентификувано кој го запали возилото на директорот на затворот. Од обвинителството велат дека чекаат пријави од МВР за да може да постапуваат.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Иран: Десетици илјади на испраќањето на Раиси и Абдолахијан во Табриз

Следно

Денеска и утре нестабилно со пороен дожд

Latest from Blog