Стефковски: Жалам што СДСМ застана во одбрана на незаконското работење на директорката на градинката „Детска радост“

2 mins read

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски вчера ја разреши директорката на детската градинка „Детска радост“ поради нејзиното незаконско работење.

Директорката на градинката во Гази Баба го демантираше градоначалникот, по што следеше нова реакција од Стефковски која ви ја пренесуваме во целост.

-Целокупната документација која е составен дел на ревизорскиот извештај на независната ревизорска куќа јасно укажува дека во детската градинка Детска радост се работело спротивно на повеќе Закони.

Во член 4 став 4 од Законот за ревизија е децидно наведено дека „субјект на ревизија“ е правно лице чии финансиски извештаи се предмет на законска ревизија или договорна ревизија.  

Ангажирањето на Ревизија Чулева е договорна ревизија која преставува незадолжително испитување, постапки, проверки и уверувања на годишната сметка, финансиските извештаи, консолидираната годишна сметка и на други финансиски информации, кои се вршат врз основа на договор во согласност со Меѓународните стандарди за ревизија на IFAC и други релевантни објави на IFAC прифатени и објавени во Република Македонија со цел да се изрази мислење, заклучок или уверување во врска со нивната вистинитост и непристрасност и нивната усогласеност со прифатената и друга рамка за финансиско известување.

Искрено жалам што политичката партија СДСМ застана во одбрана на незаконското работење на директорката на детската градинка Детска радост.

СДСМ манипулира со јавноста кога вели дека во фактурите се наведени несоодветни суми.

Во градинката Детска радост се работело недомаќински и спротивно на многу Закони. Од фактурите јасно се гледа дека:

со пари од градинката биле плаќани сметки во ресторани на кој има храна за носење, алкохол и разни видови на храна, а доколку се види времето на сметките може да се забележи дека истите се направени по завршување на работното време.

со пари од градинката е купен луксузен мебел за кабинетот на менаџментот кој не бил во планот за годишни набавки.

со пари од градинката е направена набавка на кујнски инвентар чија вредност ја надминува вредноста утврдена за слободни набавки со Законот за јавни набавки

направени се слободни јавни набавки без објавување на тендерска постапка со кои е надминат годишниот законски максимум за мали набавки кој изнесува до 12.000 евра.

Неспорно е утврдено од налозите за користење на службениот патнички автомобил дека истиот се злоупотребувал за приватни цели.

Ова е вистината за која говорат документите, а не празните прес конференции.

Времето на работење спротивно на Закон во Гази Баба со заминувањето на СДСМ е завршено.

Како градоначалник на општина Гази Баба нема да дозволам незаконско работење. Одлуката за разрешување на директорката е во согласност со членовите 124 и 125 од Законот за заштита на децата. Во членот 125 став 4 стои: “Доколку управниот одбор оцени дека е неопходно, во рок од седум дена доставува предлог за разрешување на директорот до градоначалникот”. Управниот одбор оценил и до мене на 19.04.2023 година достави предлог за разрешување на директорката, а јас согласно член 125 став 5 во кој стои: “Градоначалникот е должен во рок од пет дена од денот на добивање на предлогот од Управниот одбор да го разреши директорот.”, донесов решение за разрешување на директорката.

Ги повикувам Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата до кои вчера беше доставена целокупната документација да се произнесат по однос на дејствијата кои произлегуваат од доставената документација, се вели во реакцијата на Стефковски.

Претходно

Бела куќа: Го поздравуваме разговорот меѓу Си и Зеленски, рано е да се каже дали тоа ќе доведе до мир

Следно

Челси ќе го потврди новиот менаџер до следната недела

Latest from Blog