Средба Тошковски – Дачиќ: One Stop Shop системот ќе профункционира до почетокот на следната сезона

1 min read

Има решение за метежот на граничниот премин Табановце-Прешево. Системот со едно застанување (One Stop Shop) ќе почне и суштински да функционира на почетокот на наредната летна сезона.

Досега се потпишани повеќе согласности меѓу двете држави, но потребно е да се поедностави процедурата. Ова денеска го соопштија министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, по нивната средба во СВР Куманово, каде што, покрај за намалување на метежот на граничните премини, разговараа и за справувањето со миграцијата и заедничките патроли.

„Господинот Дачиќ има големо искуство во својата политичка кариера, но јас ќе бидам малку брутално искрен. Кај нас е кабаетот, како и за сè друго. Како што кај нас е кабаетот што не го воспоставиле системот ‘уан стоп шоп’ со Република Албанија, со Косово и со Република Србија и во овој случај кабаетот е кај нас оти имаме потпишано договор во 2019 година. Србија е подготвена и со техничко решение и со сè, а ние сме си спиеле, нешто што е познато во изминатите години. Но, тоа веќе заврши. Имаме енергија, имаме знаење, имаме поддршка и од меѓународните пријатели и од нашите соседи. На почетокот на идната летна сезона и навистина ќе го воспоставиме овој систем“, рече министерот Тошковски.

„Ние веќе имаме потпишано некои согласности, но треба да се поедностави процедурата. Тоа да биде еден преглед на граничниот премин. За овој премин и едни и другите го дадовме тој налог бидејќи ние и двајцата се потпишувавме повеќе пати, но ајде сега навистина да се направи. Не дека можеби ќе нема воопшто метеж, но барем да се чека помалку“, рече српскиот министер Дачиќ.

Извор: 24vesti.mk

Претходно

Туркије и Албанија потпишаа 4 договори за соработка

Следно

Одбележување на 11 Октомври- Ден на народното востание, владини делегации ќе положат свежо цвеќе

Latest from Blog