Што содржи Анексот на Договорот за патот кон нормализација на односите на Белград и Приштина

3 mins read

Разговорите меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на Европската Унија, вчера во Охрид, траеја повеќе од десет часа

Српската Н1 синоќа го објави „Анексот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, договорен по маратонските разговори во Охрид.

Текстот е пренесен во целост:

Дијалог меѓу Белград и Приштина: Анекс за спроведување на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија

  • Овој Анекс е составен дел на Договорот.
  • Косово и Србија целосно се обврзуваат да ги почитуваат сите членови од Договорот и овој Анекс и да ги спроведат сите свои обврски кои произлегуваат од Договорот и од овој Анекс брзо и со добра волја.
  • Страните примаат на знаење дека Договорот и Анексот за имплементација ќе станат составен дел на соодветните процеси за пристапување на Косово и Србија во ЕУ. Страните забележуваат дека веднаш по усвојувањето на Договорот и овој Анекс, посредникот на ЕУ ќе започне процес на промена на критериумите за Поглавјето 35 за Србија поради обврските кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс. Агендата на косовската Специјална група за нормализација подеднакво ќе ги одразува новите обврски на Косово кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс.
  • Страните се согласуваат итно да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ.
  • За да се примени членот 7, Косово веднаш иницира преговори во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ за воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за обезбедување соодветно ниво на самоуправа за српската заедница на Косово, во согласност со релевантните претходни договори од дијалогот кои се утврдени од посредникот на ЕУ.
  • Страните се согласни во рок од 30 дена да формираат Заеднички одбор за мониторинг, со кој претседава ЕУ. Спроведувањето на сите одредби ќе биде обезбедено и надгледувано од Заедничкиот одбор за следење.
  • За да се имплементира членот 9, ЕУ во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција со цел да се воспостави пакет за инвестиции и финансиска помош за Косово и Србија. Помошта нема да биде доделена пред ЕУ да утврди дека сите одредби од Договорот се целосно имплементирани.
  • Косово и Србија се согласуваат дека ќе ги спроведуваат сите точки независно една од друга.
  • Редоследот на ставовите од овој Анекс не го доведува во прашање редоследот на нивното спроведување.
  • Косово и Србија се согласуваат дека нема да ја блокираат примената на ниту еден член (точка).
  • Сите дискусии поврзани со спроведувањето на Договорот ќе се одвиваат во рамките на Дијалогот што го води ЕУ.
  • Косово и Србија примија на знаење дека секое неисполнување на нивните обврски од Договорот, овој Анекс или претходните договори за дијалог може да има директни негативни последици за нивните процеси за пристапување во ЕУ и за финансиската помош што ја добиваат од ЕУ.

Разговорите меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на Европската Унија, вчера во Охрид, траеја повеќе од десет часа.

По состанокот, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел соопшти дека Србија и Косово се согласиле за Анексот за имплементација кој заедно со Договорот ќе биде дел од европскиот пат на двете страни.

Борел рече дека Договорот и анексот се сметаат за потврдени и дека ќе бидат објавени.

„И покрај фактот што на почетокот беше предложен поамбициозен текст, она што страните го прифатија ќе стане составен дел од нивниот пат кон ЕУ. Ние како ЕУ ќе бараме да ги исполнат своите обврски. Неспроведувањето ќе има последици. Но секако, ако се спроведуваат, ќе имаат многу поволности страните на спогодбата“,

рече Борел.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ по средбата изјави дека е задоволен од тоа што постигнале некаков договор и нагласи дека не потпишал ништо.

„Денес беше денот кога требаше да се договориме за планот за имплементација. Она што е важно да се каже е дека овие неколку точки за кои се договоривме ќе станат дел од преговарачката рамка. Една од клучните точки е дека Европскиот совет ќе процени колку е направено со планот за имплементација, кој ќе се прошири. Формирањето на ЗСО беше поставено како приоритетна обврска. Морам да кажам дека сум навистина задоволен од тоа. Сè уште се зборува за исчезнати лица, за донаторски конференции. Планот секако ќе треба да се надгради“,

рече тој.

Косовскиот премиер Албин Курти го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека „бега од потпишување договор“ со Приштина.

Курти изјави дека уставноста и законодавството се основните принципи на договорот, како и дека договорот за Заедницата на српските општини е постигнат порано.

„Се залагам за правата на сите во Косово и на оние кои имаат сопствен приватен имот на Косово. Ова не е конечен договор, но договорот е прифатен како и денешниот анекс. Претседателот на Србија бега од потпишување на договорот кој значи де факто признавање. Сега имаме анекс како ќе го спроведеме. За нас овој договор е прифатлив, не бегам од потписот“,

рече Курти.

Американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, по завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, оцени дека Белград и Приштина постигнале тежок, но неопходен договор.

Премиерот Димитар Ковачевски исто така го поздрави договорот за Анексот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија постигнат во вилата „Билјана“ во Охрид, потенцирајќи дека станува збор за значајно постигнување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Видео: Вработен во Градски паркинг се сомнева дека останал без работа бидејќи се здобил со инвалидитет

Следно

Дали класичното новинарство умира? „Ќе има многу збогувања во редакциите. Еве кој ќе преживее“

Latest from Blog