ХАТАЈ (АА) – Седуммесечно бебе е спасено од урнатините на зграда во турскиот град Хатај, 140 часа по разорните земјотреси што во понеделникот го потресоа југот на Туркије, известува Анадолу.
Спасувачките екипи во трка со времето продолжуваат со претрагата и спасувачките акции во регионите погодени од земјотресите.
Припадниците на противпожарната екипа од турскиот град Коџаели синоќа чуле глас од урнатините на зграда, по што ги интензивирале спасувачките активности.
По неколку часа, спасувачите успеале од урнатините да го спасат бебето Хамза, кој има само седум месеци.
Бебето потоа со возило на Итната помош е префрлено во болница.
Спасувачите со голема радост го славеа спасувањето на малиот Хамза.
Бројката на загинати во земјотресот на југот од Туркије се зголеми на 24.617, соопшти потпретседателот на оваа земја, Фуат Октај.
Од подрачјето погодено од земјотресот во други делови на земјата евакуирани се повеќе од 86.000 лица.
– Разорните земјотреси што ја потресоа Туркије на 6 февруари
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.
Во овие земјотреси што силно ги потресоа и северните делови на Сирија, животот го загубија повеќе од 3.500 лица, а над 5.200 се повредени.
Извор: www.aa.com.tr