АДИЈАМАН (АА) – Седумгодишно момче спасено е од урнатините на зграда во градот Адијаман во турската област Кахраманмараш, дури 152 часа по земјотресите што ги потресоа јужните региони на Туркије, известува Анадолу.
Спасувачките екипи рано утринава открија дека под урнатините на осумкатница се наоѓа живо лице.
Потоа чуле детски глас и ја интензивирале спасувачката акција.
По акцијата што траеше околу седум часа, од урнатините успешно е извлечено седумгодишното момче Хаци Ахмет.
Спасувачите со голема радост славеа што успеале момчето да го извлечат живо.
На момчето му е укажана прва помош, по што е префрлено во болница.
„Бројката на загинати во земјотресот на југот од Туркије се зголеми на 24.617“, соопшти потпретседателот на оваа земја, Фуат Октај.
– Разорните земјотреси што ја потресоа Туркије на 6 февруари
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.
Во овие земјотреси што силно ги потресоа и северните делови на Сирија, животот го загубија повеќе од 3.500 лица, а над 5.200 се повредени.
Извор: www.aa.com.tr