СЕ УРЕДУВА АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ БАРГАЛА И ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН ЗА ПОСЕТА 24 ЧАСА

1 min read

На 20 километри од Штип, во подножјето на планината Плачковица во близина на реката Козјак, се наоѓа археолошкиот локалитет Баргала чии остатоци потекнуваат од византискиот град подигнат од 4. до 6. век, а за негово постоење се пронајдени написи од 341 година од н. е.

На местото на овој антички град деновиве почна да се реализира заедничкиот проект за целосно уредување на локалитетот, негово осветлување и заградување за поголема заштита од Општина Карбинци, каде припаѓа овој локалитет и Завод и Музеј од Штип.

„Преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион обезбедивме 6 милиони денари за реализација на проектот за електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на археолошкиот локалитет Баргала, со што ова мошне значајно археолошко наоѓалиште во Македонија ќе има едно централно место на туристичката мапа и ќе биде достапно за посетителите 24 часа“, вели директорот на Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов.

Средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, а со кофинансирање од 10 насто учествува и Општина Карбинци која и досега посветувала внимание на овој локалитет и во целост ги поддржувала досегашните истражувања и сите конзерваторски активности.

„Ретко има една мала општина како што е нашата да располага со еден таков мошне значаен археолошки локалитет кој датира уште пред четвртиот век. Сакаме од овој локалитет да направиме туристичка атракција, па затоа веднаш прифативме кофинансирање и заедно со Музејот во Штип обезбедивме речиси 100 илјади евра“, вели градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.

Околината на локалитетот Баргала располага и со црковни објекти од подоцнежниот период и целиот комплекс досега е посетуван од голем број делегации и туристи од земјата и од странство. Во амфитеатарот кој е дел од локалитетот досега се одржале голем број театарски претстави и други настани од областа на културата.

Работите околу уредувањето на локалитетот Баргала, како што велат од Музејот во Штип, ќе се одвиваат до крајот на август и воопшто нема да ја спречат неговата секојдневна функција.

Т. ЈОВАНОВСКИ

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

ДРЖАВНИОТ ВРВ СЕ ПОКЛОНИ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ТРАЈКОВСКИ Венци беа положени и во Струмица од страна на фамилијата и од владините делегации

Следно

Путин: Русија против новиот светски поредок обликуван според интересите на САД

Latest from Blog