Се редат противкандидати: Поранешниот потпретседател на САД Мајк Пенс влегува во претседателската трка против Трамп

2 mins read

Пенс беше потпретседател во мандатот на Трамп, а сега ќе му биде противкандидат во трката за номинација од републиканците. Но, не е единствениот кој може да го загрози. Една од најголемите закани за Трамп доаѓа од уште еден поранешен сојузник – гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој пред една недела ја официјализираше кандидатурата. Следната недела кандидатура ќе објави и друг бивш соработник на експретседател, а тоа е поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи. Уште во февруари годинава, во трката меѓу републиканците влезе и поранешна гувернерка на Јужна Каролина и амбасадорка во ООН, Ники Хејли

Мајк Пенс и Доналд Трамп / Фото: EPA-EFE/Sarah Silbiger

Поранешниот потпретседател на САД, Мајк Пенс, влегува во трка за претседателските избори што треба да се одржат 2024 година.

Пенс беше потпретседател во мандатот на Доналд Трамп, а сега ќе му биде противкандидат во рамки на внатрепартиската битка во републиканската партија со оглед дека експретседателот веќе потврди дека ќе се кандидира за уште еден мандат.

Веста дека Пенс влегува во претседателската трка ја објави Си-ен-ен, повикувајќи се на потврда од два избори, како и Ен-би-си њуз кој се повика на лице запознаено со планот на поранешниот потпретседател.

Пенс, како што објавија, официјално ќе објави на 7 јуни кога ќе промовира видео за неговата кампања и ќе одржи говор во Ајова.

Си-ен-ен анализира дека тоа што Пенс официјално ќе се промовира како кандидат во оваа сојузна држава наместо во родната Индијана го сигнализира нивото на важност што тој ѝ го дава на Ајова која е една од државите што, според бројот на гласови, игра клучна улога во тоа кого републиканците ќе изберат за свој кандидат.

Пред да стане потпретседател во мандатот на Трамп, Пенс беше гувернер на Индијана, а претходно и пратеник во Претставничкиот дом на САД.

Пенс не е единствениот кандидат со кого Трамп ќе се соочи во рамки на внатрепартиската битка за претседателските избори в година.

Следната недела, според најавите, кандидатура ќе објави и поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи. Тој кампањата ќе ја започне во вторник (6 јуни) од универзитетот Њу Хемпшир. И Кристи е поранешен соработник на Трамп, му беше советник во кампањата за изборите во 2016 година, но во последните месеци од мандатот стана жесток критичар на поранешниот претседател.

Својата кандидатура уште во февруари годинава ја објави и Ники Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина и амбасадорка во Обединетите нации со што стана првиот голем противкандидат на Трамп за републиканската номинација во 2024 година.

Пред една недела, кандидатурата ја официјализираше и актуелниот гувернер на американската сојузна држава Флорида, републиканецот Рон Десантис. Тој е поранешен поддржувач на Трамп, а сега се смета за можеби најмоќната закана за напорите на поранешниот претседател да ја освои републиканската номинација за претседателските избори. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека тој е можеби во најдобра позиција меѓу републиканците за дуел со поранешниот претседател Трамп.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Потпишан меморандум за соработка меѓу НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово и на драматично-куклениот театар „Иван Радоев“ од Плевен

Следно

Челзи подготвен за трансфер на Ковачиќ во Манчестер Сити

Latest from Blog