Се подготвува теренот за средбата меѓу Вучиќ и Курти во Охрид: Лајчак во посета на Приштина, потоа ќе оди во Белград 

2 mins read

Лајчак на самиот почеток на посетата се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, по која треба да има средба со косовскиот премиер Албин Курти. Претседателката на Косово, по средбата, повтори дека Приштина останува посветена на процесот кој придонесува за долгорочен мир, безбедност и одржлив просперитет на регионот. Како што соопштија од ЕУ, Лајчак по посетата на Косово ќе го посети и Белград на 13 и 14 март

Претставникот на Европската Унија (ЕУ) во дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, денеска ја започна дводневната посета на Приштина како дел од подготовките за новата рунда од дијалогот на највисоко политичко ниво меѓу двете земји.  

Претставникот на ЕУ во разговорите меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак/Фото: Архива

Лајчак на самиот почеток на посетата се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, по која треба да има средба со косовскиот премиер Албин Курти. 

Претседателката на Косово, по средбата, повтори дека Приштина останува посветена на процесот кој придонесува за долгорочен мир, безбедност и одржлив просперитет на регионот, пренесува регионалниот сервис на РСЕ. 

Османи, како што соопштија од претседателството на Косово изјавила дека имплементацијата на основната спогодба од 27 февруари треба да биде во духот на принципите усвоени во Собранието на Косово, односно дека суверенитетот, територијалниот интегритет, уставноста и функционалноста на Косово не треба да бидат доведени под знак прашање, односно прекршени. 

„Косово останува конструктивна страна во процесот на дијалог и се координира со своите партнери“,

се наведува во соопштението. 

Претседателката на Косово, Вјоса Османи/Фото: Архива

Лајчак за време на посетата на Косово треба да се сретне и со претставници на опозициските партии. 

Како што соопштија од ЕУ, Лајчак по посетата на Косово ќе го посети и Белград на 13 и 14 март. 

Посетите на Лајчак на Приштина и на Белград доаѓаат откако премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 27 февруари изразија согланост да ги продолжат разговорите во рамките на предлогот на ЕУ за нормализација на одностите.  

Сега, како што наведува РСЕ, следи креирање на патоказ за негово спроведување, а разговорите на таа тема ќе се одржат на 18 март во Охрид. 

Косовоскиот премиер на 8 март изјави дека продолжуваат подготовките за средбата во Охрид. 

 „Ќе видиме како можеме да приложиме вистински план за имплементација на усогласениот европски предлог, кој треба да се карактеризира со инклузивност и ефикасност“,

рече тој. 

Предлогот на ЕУ не беше потпишан на 27 февруари во Брисел, иако двете страни се согласија за неговиот текст. 

Косовскиот премиер Курти изјави дека е подготвен да го потпише, но дека српската страна не сака. 

Инаку, како што претходно месецов посочија од ЕУ, Лајчак преку посетите на Косово и Србија треба да им помогне на страните да ги финализираат разговорите за создавање на патоказ за имплементација на европскиот предлог. 

ЕУ очекува и извештај на седницата на Европскиот совет на 23 и 24 март дали Белград и Приштина се договориле за спроведување на предлогот за нормализација на односите. 

Европскиот предлог, кој има поддршка од западните земји, се состои од единаесет точки и има за цел да ги реши разликите меѓу двете страни. 

Во него експлицитно не се споменува меѓусебно признавање, но во членот два се вели дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата. 

Се предвидува посебен аранжман за српската заедница во Косово, гаранции за Српската православна црква и признавање на државните симболи, царинските печати, регистарските таблички и дипломите. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

80 ГОДИНИ БИТОЛСКО ПАРТИЗАНСКО СЕМЕЈСТВО ЧУВАЛО КАКО АМАНЕТ СЛИКИ НА ЕВРЕЈСКИ УМЕТНИК, ДЕНЕСКА ГИ ПРЕДАДЕ НА ИЗРАЕЛСКИ РОДИНИ

Следно

Шведска, Финска и Турција во Брисел се договорија за натамошни разговори за членството во НАТО

Latest from Blog