Во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија вечерва со свечен прием беше одбележан 4-ти јули – Денот на американската независност.
Пред бројни гости, партнери и пријатели на САД, амбасадорката Анџела Агелер упати пораки за слобода, партнерство и заедничка иднина. Таа истакна дека, иако во овој дел од светот 249 години не се сметаат за многу, тоа за САД е доказ за една млада, но енергична и силна нација изградена врз темелите на слободата, самоуправувањето и заштитата на основните права.
– Стремежот кон посовршен сојуз ја повикува секоја генерација да се издигне, да се стреми кон повеќе и да гради иднина достојна на тие вредности, без разлика на предизвиците и кризите – порача Агелер.

Во својот говор таа потсети дека оваа година се одбележуваат и 30 години дипломатски односи и пријателство помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија.
Свеченоста ја збогати присуството на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески, како и други високи претставници од Владата, дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор.
ИЗВОР: ТВ 21