Реакции од Бугарија: Молк од главните актери вечерва по пат-позицијата што ја донесоа изборите

4 mins read

Од партиите на Петков и Борисов засега нема реакција. Од националистичката Преродба, пак, порачаа дека нема да поддржат ниту една влада освен своја, а од ДПС и од Има таков народ повикаа на дијалог

Највпечатлив вечерва е фејсбук-постот на Христо Иванов од Демократска Бугарија, коалицискиот партнер на Петков, кој резултатот од изборите го разбира како можност да се почне да се зашива искинатата ткаенина на бугарското општество, отворајќи ја на тој начин вратата за постизборни соработки што досега се сметаа за невозможни

Во очекување на официјалните резултати од денешните парламентарни избори од Централната изборна комисија (ЦИК), излезните анкети и паралелното пребројување покажуваат тесна трка помеѓу двете водечки коалиции: ГЕРБ-СДС и Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ).

Бојко Борисов / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Во ситуација на нејасен победник, од партиите на двајцата поранешни премиери кои ги предводеа двата табора, ГЕРБ на Бојко Борисов и ПП на Кирил Петков, оваа изборна ноќ нема реакции.

Од прес-службата на Борисов за бугарските медиуми уште пред неколку часа рекоа дека вечерва нема да има официјална изјава. Борисов, единствено на Фејсбук, објави фотографија од партиски митинг со порака: „Ви благодарам за поддршката“.

Кирил Петков / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Досега не се огласи ниту Кирил Петков, но со впечатлива и индикативна порака се јави неговиот коалициски партнер Христо Иванов, кој е лидер на Демократска Бугарија.

Во објава на социјалните мрежи, тој упатува благодарност за коалициските партнери, активистите и сите граѓани што гласале за нив, но во еден дел испраќа порака и дека е потребен разговор со другите политички структури за формирање редовна влада.

„Резултатите од овие избори го потврдуваат она што го знаеме долго време – нашето општество е многу поделено и ова е сериозен проблем. Меѓутоа, освен проблем, тоа е и можност да почнеме да ја зашиваме искинатата ткаенина на ова општество. Затоа што демократијата е разговор меѓу оние што не се согласуваат. Гласот на граѓаните уште еднаш ни кажува дека ќе треба да научиме да го водиме тој разговор“,

вели Иванов.

Неизвесно е и која официјално ќе биде трета политичка сила во новиот бугарски парламент. Тука, во тесна трка се националистичката Преродба и протурската ДПС.

„Без разлика на конечните резултати, неспорно е дека Преродба забележа најголем раст од сите останати. Во оваа фаза, го зголемивме нашето гласачко тело за 150 000 до 170 000 гласови. Единствената влада што ќе ја поддржиме е со мандат на Преродба. Не очекувајте поиканво однесување“,

рече лидерот на оваа партија, Костадин Костадинов за Нова ТВ.

Тој рече дека е подготвен да понуди влада, а оти на следните избори неговата партија ќе биде прва политичка сила.

За двете водечки коалиции на Борисов и на Петков, пак, рече оти тие може лесно да формираат проамериканска влада во државата.

„Да видиме како ќе го аргументираат тоа пред гласачите“,

рече Костадинов.

Тој посочи и оти нема ништо против Бугарија и понатаму да биде водена од техничка влада.

Лидерот на ДПС, Мустафа Карадај, пак, рече дека е потребен дијалог.

„Во оваа ситуација во која се наоѓа земјата, на бугарските политичари им треба разум, одговорност, дијалог. По изборните резултати, неопходен е дијалог и во овој дијалог мора да ја најдеме формулата што агендата на народот ќе ја направи и агенда на политичарите, на Народното собрание, на идната влада. Не очекувајте да повлекуваме линии на поделба. Ние сме тие што повикуваме на дијалог. Ќе вложиме максимални напори да имаме редовна влада бидејќи без надминување на политичката криза нема начин да се надминат другите кризи“,

рече Карадај.

Како пета партија која обезбеди место во парламентот е Бугарската социјалистичка партија (БСП), додека сè уште е неизвесно дали ќе влезе и шеста со оглед дека проекциите покажуваат оти Има таков народ на Слави Трифонов се движи околу потребниот праг од 4 отсто освоени гласови.

Од партијата, сепак, вечерва излегоа со уверување дека ќе бидат дел од парламентарниот состав и порачаа дека ќе се обидат ова Народно собрание да профункционира.

„И покрај политичката криза кај нас, луѓето најдоа сили да излезат и да гласаат петти пат по ред. Да видиме кој ќе биде победник во гласањето и дури потоа ќе дадеме детални изјави“,

рече вечерва Станислав Балабанов од Има таков народ.

Петков прв на излезните анкети, Борисов кај паралелното пребројување

За неизвесноста околу победникот говори и тоа што според излезните анкети во незначителна предност е коалицијата на Петков – Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ), додека според паралелното пребројување на гласовите, тесно водство ѝ се дава на коалицијата на Борисов – ГЕРБ-СДС

Така, на пример, според излезната анкета на агенцијата „Тренд“, проекциите за резултатите се:

  • ПП-ДБ – 26,9 отсто;
  • ГЕРБ-СДС – 26,7 отсто;
  • Преродба – 12,9 отсто;
  • ДПС – 12,3 отсто;
  • БСП – 10,5 отсто.

Според излезните анкети, на работ од 4 отсто освоени гласови – праг потребен за да се влезе во парламентот, е Има таков народ (ИТН) со 3,8 отсто.

Извор: Нова ТВ

Агенцијата „Галуп“ е со следните проекции од излезните анкети:

  • ПП-ДБ – 25,6 отсто;
  • ГЕРБ-СДС – 24,8 отсто;
  • Преродба – 14,2 отсто;
  • ДПС – 13 отсто;
  • БСП – 10 отсто;
  • ИТН – 4 отсто.
Извор: Нова ТВ

Паралелното пребројување, пак, на овие две агенции покажува рокада на првите две позиции.

Според „Тренд“, на 100 отсто обработен примерок, резултат би бил:

  • ГЕРБ-СДС – 26,2 отсто;
  • ПП-ДБ – 25 отсто;
  • Преродба – 13,7 отсто;
  • ДПС – 13 отсто;
  • БСП – 9,1 отсто;
  • ИТН – 4,3 отсто.
Извор: Нова ТВ

Според „Галуп“, на 99 отсто обработен примерок, резултат би бил:

  • ГЕРБ-СДС – 26,2 отсто;
  • ПП-ДБ – 24,6 отсто;
  • Преродба – 14,5 отсто;
  • ДПС – 13,4 отсто;
  • БСП – 9,2 отсто;
  • ИТН – 4 отсто.
Извор: Нова ТВ

Со проекции од паралелно пребројување на 100 отсто обработен примерок излезе и агенцијата „Алфа рисрч“ чии податоци покажуваат:

  • ГЕРБ-СДС – 25,7 отсто;
  • ПП-ДБ – 25,1 отсто;
  • Преродба – 13,9 отсто;
  • ДПС – 13,6 отсто;
  • БСП – 9 отсто;
  • ИТН – 4,3 отсто.
Извор: БНТ

Какви се проекциите за пратенички мандати според паралелното пребројување

Бугарската национална телевизија (БНТ) и Нова ТВ, врз основа на паралелното пребројување на гласовите од агенциите „Алфра рисрч“ и од „Тренд“, објавија и проекции за тоа како би изгледал 49. парламентарен состав во Бугарија.

Така, според „Алфра рисрч“, распоредот на пратеници во 240-членото Народно собрание би бил:

  • ГЕРБ-СДС – 71 пратеник;
  • ПП-ДБ – 69 пратеници;
  • Преродба – 38 пратеници;
  • ДПС – 37 пратеници;
  • БСП – 25 пратеници.

Според паралелното пребројување на „Тренд“, пак, распоредот би бил:

  • ГЕРБ-СДС – 69 пратеници;
  • ПП-ДБ – 66 пратеници;
  • Преродба – 36 пратеници;
  • ДПС – 34 пратеници;
  • БСП – 24 пратеници;
  • ИТН – 11 пратеници.
Извор: Нова ТВ

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Ѓукановиќ го призна поразот, Црна Гора има нов претседател

Следно

Конзервативците ја победија Сана Марин на изборите во Финска

Latest from Blog