ПРОЕКТОТ НА ЈАНЕШЛИЕВА ВО ВЕНЕЦИЈА НЀ СООЧУВА СО ЧУВСТВОТО ДА СЕ БИДЕ СТРАНЕЦ, ВЕЛИ КУРАТОРКАТА ФРАНГОВСКА

1 min read

Македонското дело на Венециското биенале, проект на Славица Јанешлиева, веќе го привлече вниманието на домашни и меѓународни медиуми како „Арт њуз“, „И-флукс“, „Итс ликвид“, „Арт ривју“, најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани, вели Дита Старова-Ќерими, национална комесарка за најважната ликовна манифестација.

Вчера во Венеција во објектот Скуола деи Ланери се отвори македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале на уметноста, со проектот „Помеѓу надеж и страв“ (Inter Spem et Metum) на Јанешлиева. Овогодинешното биенале го курира Адриано Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде.“

Од вчерашното отворање на македоскиот павилјон. (Фото: Р. Јанкулоски)

Носител на проектот е Националнaта галерија на Македонија (НГМ), комесарка е Старова-Ќерими, директорка на НГМ, а куроторка е Ана Франговска, кустос-советник во НГМ.

„Делото на Јанeшлиева во контекст на годинашната тема ‘Странци насекаде’, се занимава со аспектот на странецот, на ‘другиот’, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот. Синоќешното отворање беше одлична можност за повеќе од три стотини лица кои постојано доаѓаа во различни интервали, во периодот од 3 часа предвиден за посета на самиот ден на отворањето. Местоположбата и самиот концепт се доволна причина за очекување на бројна посетеност во наредните без малку осум месеци“, вели Старова-Ќерими.

Славица Јанешлиева и Ана Франговска. (Фото: Р. Јанкулоски)

Според Франговска, трансмедијалниот и транснаративен проект на Јанешлиева претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад.

„Преку мултидимензионални, медиумски платформи и материјали, како што се пердуви, лед-неонски знаци, проекции, огледала, Јанешлиева нè лансира во неколку концептуално-наративни матрици, каде што нè поттикнува да се соочиме со чувството да се биде странец, она кое е присутно насекаде: во себе, во тебе, во нив, во нас… Имено, таа нè предизвикува со прифаќање или неприфаќање на различните етикети од познатите и обичните на масите; опфаќајќи ги разликите врз основа на пол, сексуална ориентација, изглед, однесување, став, болест, националност, религија, јазик, политичка ориентација“, вели Франговска.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Залудноста на војната во Украина стана очигледна

Следно

Тен Хаг: Го гледам Санчо и знам дека е фантастичен фудбалер, но тоа не е проблемот

Latest from Blog

Од 19. Владина седница

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на