Познат српски новинар приведен поради „обесената“ кукла со ликот на Вучиќ

4 mins read

Станува збор за долгогодишниот новинар, писател и критичар на режимот на Слободан Милошевиќ, Бошко Савковиќ, кој е под сомнение дека ја носел куклата со ликот на српскиот претседател Александар Вучиќ, а за која вчера прва реагираше премиерката Ана Брнабиќ, објавувајќи фотографија на својот твитер-профил, која потоа беше споделена и од други членови на Српската напредна партија (СНС)

Ќерката на Савковиќ, Емилија, негира секаква поврзаност со куклата. Транспарентот покрај кој е куклата вели таа е нивен и го носеле на вчерашниот протест „Србија против насилството“ и сега се наоѓа во нивниот дом, но за куклата не знаат ништо, изјавила таа за дневниот весник „Данас“

Српската полиција го привела новинарот Бошко Савковиќ под сомнение дека тој ја носел куклата со ликот на претседателот Александар Вучиќ кој виси на бесилка на вчерашниот масовен протестот „Србија против насилството“.  

Новинарот Бошко Савковиќ/Фото: Н1

Информацијата за приведувањето на новинарот за телевизијата Н1 ја потврил неговиот адвокат.  

За обесената кукла со ликот на српскиот претседател вчера прва реагираше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која на својот твитер-профил сподели фотографија од куклата која виси покрај транспарент.  

Таа во својата објава, која потоа беше споделена од голем број членови на Српската напредна партија (СНС), јавно праша како да им ја објасни содржината на фотографијата на своите деца. 

Ќерката на новинарот Бошко Савковиќ, Емилија, за „Данас“ го опишува моментот од приведувањето на нејзиниот татко, наведувајќи дека четворица мажи се појавиле на нивната врата без никаков налог за апсење. Таа негира секаква поврзаност на нејзиниот татко со куклата.  

 „Се собравме 15 луѓе кај споменикот (на плоштадот Никола Пашиќ). Транспарентот беше цело време тука и на фотографиите се појави некаква кукла. Очекуваме да видиме што ќе се случи. Станува збор за кукла која премиерката на Србија ја прикачува на својот твитер-профил. Транспарентот е сè уште кај нас, го гледаме. Го видoа и инспекторите кои дојдоа. Но, ние немаме врска со куклата“,

вели ќерката на приведениот новинар за дневниот весник „Данас“. 

„Обесената“ кукла со неговиот лик денеска ја коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, наведувајќи дека дел од неговата работа е да трпи такви „гасни работи“.  

Кој е Бошко Савковиќ

Дневниот весник објави опширна биографија на познатиот новинар, писател и критичар на режимот на Слободан Милошевиќ, кој како што се наведува новинарската кариера ја почнал уште во раните 1980-ти.  

Во продолжение интегрално ја пренесуваме биографијата на новинарот Савковиќ, објавена од „Данас“

Бошко Савковиќ на почетокот на 1980-те работи на радио програмите „Ритам срца“ и Индекс 202.  

Од 1985 година пишува во студентскиот весник „Студент“, каде што објавувал до 1987 година. 

 За време на познатата политичка афера „Глогов колац”, која пролетта 1987 година го најави доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ преку пресметка со новинарите и слободното новинарство, остана во редакцијата, која беше сменета по многуте напади од страна на градскиот и универзитетскиот комитет на Сојузот на комунистите. Во текот на 1987 и 1988 година објавувал во младински весници – Младост, НОН, Став, Полет… 

Пред распадот на поранешната СФРЈ, тој почна да објавува во едно од најтиражните политички списанија во тоа време, списанието „Интервју“ на Политика. Од 1989 година „Интервју“ е негова матична редакција, а пишува и за многу други весници низ Југославија. 

Од своето основање, на РТВ Политика реализира свои политички ток-шоуа и на телевизија и на радио. 

За време на престојот во Њујорк во 1989 година, го завршува ракописот на својата прва книга „Лажните борци го водат кругот на честа“, која се занимава со прашањето на лажните борци и нивните пензии на територијата на поранешна СФРЈ. Врз основа на таа книга, ТВ Белград сними истоимен документарен филм во 1990 година. 

 По почетокот на војната во поранешна Југославија, Савковиќ станува и воен дописник на весникот „Интервју“ и други белградски весници. ТВ Политика пренесува и многу од ТВ прилозите од бојното поле кои тој ги снимил. 

Дубровник, Вуковар, Книн, а потоа и новите отворени боишта во Босна и Херцеговина, стануваат новинарска опсесија за Савковиќ. 

Горд што никогаш не зеде оружје за време на војната, а во постојаната војна со цензурата во медиумите што владееше во српското општество во тие години, тој пролетта 1993 година го напушта српското новинарство. Дава завет дека никогаш нема да напише ниту еден збор за официјалните српски медиуми. Со исклучок на „Политикин забавник“, во кој и денес повремено објавува авторски текстови. 

На почетокот на 1993 година ја основа својата приватна маркетинг агенција „Алтернатива“, која и денес работи на полето на ТВ продукција, издаваштво, графички и веб-дизајн. 

Пролетта 1994 година ја објавува втората книга „Силување на седмата сила“, која се занимава со весниците и промените на уредниците и новинарите во југословенското и српското новинарство од 1945 до 1993 година. 

Во 1996 година, тој стана еден од основачите на сатиричниот весник „Наша Крмача“, кој беше и остана симбол на борбата за слобода на новинарството за цела генерација – една од најсилните точки на отпорот на автократијата на Милошевиќ. Прислушувањето, заканите, тепањето, упади во редакција стануваат секојдневие на Савковиќ. 

Во есента 1997 година ја објавува третата книга „Мистериите кои ја променија Србија“. Поради големиот притисок врз медиумите во последната година од владеењето на Милошевиќ, објавувањето на „Наша крмача“ е привремено прекинато во јуни 2000 година, за редакцијата да продолжи со работа во декември по 5 октомври. 

Во септември 2000 година, непосредно пред падот на режимот на Слободан Милошевиќ, тој ја објавува книгата „Од другата страна“ – збирка уводни текстови во весникот „Наша Крмача“. „Наша крмача“ без финасиски субвенции од која било позициска или опозициска струја, продолжува да работи и по демократските промени во Србија. Безмилосно критикувајќи ги сите грешки на новите власти, конечно престанува да работи во 2004 година. 

Со група пријатели кои објавија фототипско издание на Евангелието на Мирослав од 1998 година, тој работи на промовирање на овој ракопис кој ја рашири славата на српската култура низ целиот свет и стана дел од збирката „Меморија на светот“ на УНЕСКО. Преку продукцијата на филмот „Во почетокот имаше збор“ и предавањата одржани низ земјата и странство, Савковиќ сè уште го промовира ова извонредно дело на средновековната српска култура. 

Во 2008 година, Савковиќ го основа туристичкиот и еколошки филмски фестивал Силафест, кој и денес се одржува во Велики Градиште, на брегот на Дунав. Денес, Силафест е дел од семејството CIFFT, кое е под патронат на Светската туристичка организација на Обединетите нации – UNWTO. Синџирот CIFFT вклучува фестивали во Лос Анџелес, Њујорк, Кан, Варшава, Берлин и 12 други големи градови. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Вучиќ е подготвен да разговара со опозицијата, но смена на министерот за внатрешни работи нема да поддржи  

Следно

Јане Теохаревски гостин на Градот на европската култура за 2023 година – Темишвар

Latest from Blog