Претстојнава недела ќе имаме последно кафе со претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари и јас му посакувам се најдобро. Ова го изјави премиерот Мицкоски со што потврди дека досегашниот министер за здравство заминува од Владата, но и потенцираше дека мнозинството е стабилно. Мицкоски вели Таравари одлучил да се врати во прегратките на Демократската унија за интеграција, но тоа не било одлука на членството на неговата партија.
–Господинот Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела на која што ќе сумираме што е тоа што е направено. Најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса за Албанците, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Но дали ова значи дека би можело дел од министрите но и пратениците од редовите на партијата на Таравари сепак да останат во власта или пак ќе се приклучи друга партија во мнозинството, Мицкоски не прецизираше.
-Дали тоа значи и што значи времето ќе покаже, Владата е стабилна, Владата има близу две третини поддршка во парламентот, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Таравари во изјава за ТВ21 вели дека Мицкоски е под притисок на, како што рече, останатата група на Албанците во Владата, поради неговата одлука да оди сам на локалните избори. Тој и вчера на отворањето на канцеларија на Алијанса за Албанците во Бутел рече дека за него не е проблем заминувањето од Владата, бидејќи не е значи ништо ако си во неа а не одиш по европскиот пат.
-Премиерот Мицкоски беше и е под голем притисок во последно време поради неколку работи, и ми е жал кога слушам дека и тој паѓа како жртва на овие „суеверја“. Единствената вистина е дека ние како партија решивме да излеземе со посебни советнички листи на локалните избори. Оваа одлука не беше добро прифатена од албанската група во Владата и подигнаа илјада алиби. Ние не сакаме повеќе да бидеме дел од оваа клима на трачеви и теории на заговор што се создаде. Тие албански политичари што се во Владата, за жал, не можат да се променат – тие се наследници на стариот политички менталитет. Сепак, јас лично ќе разговарам со господин Мицкоски за да му ја објаснам јасно и прецизно нашата одлука, вели Арбен Таравари, Алијанса за Албанците.
За излегувањето на Таравари од Владата деновиве зборуваше и Биљал Касами од ВРЕДИ кој рече дека претседателот на Алијанса за Албанците заминува но дека некој од партијата кои не се согласуваат со него може да остане во власта.
ИЗВОР: ТВ 21