Официјална Варшава ја презеде палката за претседавање со ЕУ, Кошта порача дека Полска е најдобрата приказна на проширувањето – Орбан не беше поканет на церемонијата.
Премиерот Доналд Туск кој во следните 6 месеци ќе претседава со Советот на ЕУ, порача дека задачата на Полска ќе биде да ја направи Европа повторно силна.
– Ако Европа е немоќна, нема да опстане… Да направиме се за Европа и Полска да не мора да плаќаат највисока цена за слобода, за сила, за суверенитет. Да направиме се за да ја направиме Европа повторно силна. – Доналд Туск премиер на Полска.
Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, изјави дека има среќа што ќе ја започне својата функција рамо до рамо со Доналд Туск, кој претседаваше со Европскиот Совет 5 години. Порача дека одбраната на ЕУ мора да остане стратешки приоритет и најави дека на почетокот на февруари свикал неформален Самит на ЕУ, на кој се поканети и генералниот секретар на НАТО и британскиот премиер.
– Полска е дефинитивно една од најголемите успешни приказни на проширувањето. Не се сомневам дека полското претседавање со Советот на Европската унија ќе докаже уште еднаш дека патриотизмот и европската интеграција се меѓусебно поврзани. Мотото на полското претседателство е: Безбедност, Европа! Нашата Унија се роди како проект за мир по Втората светска војна, и ние треба да ја зајакнеме, уште еднаш, нашата безбедност за да обезбедиме мир во Европа. Затоа, Украина мора да остане наш главен приоритет. – Антонио Кошта претседател на Европски совет.
Безбедност, Европа! – е мотото на Полска во следните 6 месеци. Одредени се седум приоритети или димензии – Одбрана и безбедност; Заштита на луѓето и границите;
Отпор кон странско мешање и дезинформации; Обезбедување безбедност и слобода на бизнисот; Енергетска транзиција; Конкурентно земјоделство; и Здравствена безбедност. Проширувањето го нема меѓу седумте цели, но го има во програмата на Полска:
– Целта на полското претседателство е да постигне напредок во процесот на проширување, во исто време, со Истокот и во однос на Западен Балкан, во согласност со вклученоста на земјите кои се кандидати за влез во ЕУ и во согласност со пристапот заснован на заслуги. Ќе се фокусираме на она што е потребно за да ја подготвиме ЕУ за нови членки, да ги исполниме амбициите изразени во Стратешката агенда и да ја одржиме јавната поддршка за европскиот проект. – Програма на Полско претседавање со ЕУ.
Полското 6месечно претседателство со ЕУ доаѓа веднаш по унгарското. И покрај тоа, Виктор Орбан не беше поканет на церемонијата во Варшава. Откако Будимпешта му даде азил на полскиот екс заменик-министер Романовски, кој е под истрага за злоупотреба на јавни средства, полските власти решија дека за Виктор Орбан, како и за унгарскиот амбасадор нема место во Големиот театар во Варшава.
Претседавањето на Полска, пак, се случува во време на Доналд Туск , кој се смета за искусен европски политичар и беше на чело на Советот на ЕУ од 2014 до 2019 година, а потоа беше шеф и на Европската народна партија (ЕПП).Туск седна на премиерското столче во Полска на почетокот на декември, откако победи на парламентарните избори и по осум години ја симна од власт десничарската конзервативна влада на ПиС. Тогаш изјави дека никој во ЕУ не може да го надмудри.
Извор: 24vesti.mk