По Лајчак, и Ескобар доаѓа во Белград на средби со Вучиќ и Брнабиќ

3 mins read

Посетата на високиот американски дипломат доаѓа во пресрет на средбата на лидерите на Косово и Србија на 18 март во Охрид каде двете страни треба да разговараат за анексот на предлогот на Европската Унија за нормализација на односите. Во Белград, како дел од подготовките за средбата во Охрид, веќе престојува специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак кој претходно беше во Приштина

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, утре пристигнува во посета на Белград каде ќе има одвоени средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, јавува регионаланиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Американскиот пратеник за Западен Балкан, специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак и српскиот претседател Александар Вучиќ за време на нивната средба на 14 декември минатата година/Фото: Твитер

Посетата на високиот американски дипломат доаѓа во пресрет на средбата на лидерите на Косово и Србија на 18 март во Охрид каде двете страни треба да разговараат за анексот на предлогот на Европската Унија за нормализација на односите.

Според неофицијални информации на РСЕ, Ескобар по Белград ќе ја посети Приштина каде ќе има средби со тамошниот државен врв.

Во Белград, како дел од подготовките за средбата во Охрид, веќе престојува специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, кој претходно беше во Приштина.

САД го поддржуваат предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а Ескобар беше дел од европско-американскиот тим дипломати кои во јануари ги посетија Косово и Србија по овој повод.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера по средбата со Лајчак во објава на Инстаграм соопшти дека имал „тежок и суштински“ разговор со европскиот дипломат.

Во соопштението од кабинетот на Вучиќ се наведува дека тој разговарал со Лајчак „за европскиот предлог, формирањето на Заедницата на српските општини и другите неопходни чекори насочени кон нормализирање на односите меѓу Србите и Албанците“.

Вучиќ повтори дека формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство е предуслов за нормализација на односите, како и за безбедност и заштита на правата на српскиот народ на Косово.

Специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во изјава за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека во Косово мора да се формира Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) и нагласи „ако ја нема Заедницата, нема ниту договор“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ги повика Србија и Косово да го прифатат европскиот предлог.

„Постои план на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Мислам дека тоа е можност за двете страни да го искористат моментот, бидејќи нормализацијата е клучна за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот“,

рече Вон дер Лајен во разговор со дописниците на група европски новински агенции (ЕНР), пренесе Бета.

Вучиќ и Курти на 18 март ќе се сретнат во Охрид во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ, а домаќин ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Европската служба за надворешни работи соопшти дека Борел и Лајчак прво во Охрид ќе имаат одвоени средби со Вучиќ и Курти, а потоа ќе следи заедничка трилатерална средба.

По средбата на Вучиќ, Курти, Борел и Лајчак во Брисел на 27 февруари, шефот на европската дипломатија изјави дека лидерите на двете страни постигнале согласност за планот на ЕУ за нормализација на односите, но дека се потребни дополнителни преговори за анексот за имплементација кој ќе постави насоки за неговата примена.

Планот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е познат и како француско-германски план бидејќи беше формулиран од советниците на германскиот канцелар и францускиот претседател, Јенс Плетнер и Емануел Бон, а им беше претставен на Вучиќ и Курти во септември минатата година.

Планот, чија оригинална верзија оттогаш е изменета, беше усвоен од ЕУ во декември. Тој се состои од единаесет точки и има цел да ги реши разликите меѓу двете страни. 

Во него експлицитно не се споменува меѓусебно признавање, но во членот 2 се вели дека страните мора да ги почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата. 

Се предвидува посебен аранжман за српската заедница во Косово, гаранции за Српската православна црква и признавање на државните симболи, царинските печати, регистарските таблички и дипломите.

Извештајот за преговорите меѓу Вучиќ и Курти ќе биде разгледан на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 март.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Општина Аеродром продолжува со поддршката за народната кујна во црквата „св. Никола“

Следно

Компанијата МЕТА укинува уште 10 илјади работни места

Latest from Blog