Горан Пандев, поранешниот репрезентативец и сега спортски директор на националните селекции во ФФМ, во „Дејли Клик“ на ТВ21 зборуваше и за сегашната состојба во репрезентацијата.
Тој кажа дека му замерил на тогашниот претседател Муамед Сејдини што не му го продолжил договорот на тогашниот селектор Игор Ангеловски.
„Најголема замерка кон Сејдини ми е што не го продолжи договорот со Ангеловски. Не сум зборувал на таа тема, јас како што знам сакаше да го смени и пред Европското првенство. Јас бев капитен тој период, играч кој ја предводеше таа генерација, и цела репреенација застана зад селекторот, затоа што ќе беше жално да не ја предводеше селекцијата на ЕП. Ако беше нормална држава или федерација ќе му се продолжеше договорот на селекторот“, изјави Пандев.
Исто така додаде дека нема ништо против сегашниот селектор Милевски.
„Националниот тим е светост и теренот е показател за се. Немаме ништо против Милевски, против селекторот, но резултатите во еден момент не беа на нивото, а атмосферата беше разрушена. Јас пак ќе кажам дека оваа генерација на Македонија беше најдобрата во историјата на македонскиот фудбал“, напомена Пандев.
ИЗВОР: ТВ 21