Османи-Садриу за формирањето на ЗСО: Косово ќе ги следи најдобрите европски стандарди за правата на малцинствата

3 mins read

Прашана дали тоа што Србите не ги признаваат и ги бојкотираа локалните избори што во неделата се одржаа во четири општини на северот на Косово може да ги блокира преговорите со Белград, Османи-Садиу во интервју за ТВ Телма вели: „Надворешното мешање во изборите во Косово извршено од Србија е тоа што може да ги да го оптовари дијалогот, а не демократските и уставни постапки на Косово“

Косово ќе биде целосно конструктивно и отворено со предлозите во врска со прашањето за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), вели во интервју за ТВ Телма, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.  

Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу/Фото: Принтскрин

Косовската претседателка денеска беше во официјална посета на земјава, во рамките на која имаше средби со државниот врв и со лидери на политикчки партии.  

Инаку, формирањето Заедницата на српски општини е една од обврските на Приштина што произлегуваат од Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и Анексот за негова имплементација што беше постигнат во Охрид.  

Првиот критериум, вели Османи, е дека ништо не може да биде моноетничко, туку мора да го претставува мултиетничкиот карактер на Косово.   

„Ова секако е прашање кое зависи од развој на други работи. Како што знаете има Договор кој неодамна беше постигнат во Брисел, Анексот кој беше постигнат во Охрид, што овозможува имплементација на сите претходни договори кои се легални, обврзувачки и валидни. Во тој контекст би сакала да потсетам на одлуката на Уставниот суд на Република Косово во 2015 која ги одреди параметрите според кои Асоцијацијата на општини може да функционира во Република Косово. Првиот критериум е дека ништо не може да биде моноетично, тоа значи дека мора да го претставува мултиетничкиот карактер на Република Косово и секако да не создава ново ниво на управување, но може да биде координација меѓу општините кои лобираат за своите надлежности со националната влада. Во тој контест Косово многу јасно стави до знаење дека водечки принцип ќе му биде одлуката на Уставниот суд, Уставот на Косово исто како и пишаната позиција на САД која беше објавена пред еден месец. Во рамки на овие параметри ние ќе го дадеме нашиот предлог кој потоа ќе биде дискутиран во Брисел, како што е наведено во договорот“,

вели Османи-Садриу. 

Кога оваа дискусија ќе вроди со плод, косовоската претседателка вели дека не може да прецизира со датум, но посочува дека Косово ќе биде целосно конструктивно и отворено со предлозите и ќе осигура дека се следат најдобрите европски стандарди кога станува збор за правата на малцинствата.  

„Ние веќе имаме Устав кој е многу напред дури и споредено со сите други европски држави, но истовремено сме подготвени да дискутираме како може да ги направиме најдобрите модели применливи истовремено обезбедувајќи дека суверенитетот на Косово, како и неговиот интегритет и внатрешното функционирање како држава е зачувано“,

додава таа.  

За локалните избори што во неделата се одржаа во четири општини на северот на Косово со мнозинско српско население, Османи-Садриу вели дека ти воопшто не биле избрзани, а бојкотот на Србите, смета дека е последица на заплашувања и насилство оркестрирани од Белград.  

„Ова не беше доброволен бојкот од страна на локалните Срби. Ова беше бојкот кој се случи поради закани, заплашаувања и насилство оркестрирано од Белград, и извршено од нелегалните и криминалните структури водени од луѓе, од Срби, кои ги водат овие структури и кои се на црната листа на САД и Обединетото Кралство. Изборите се одржаа во целосна согласност со нашето законодавство, со нашиот Устав, и како што реков, причината поради која мораше да бидат организирани избори, на прво место, не беше затоа што ние ги побаравме, не беше затоа што ние ги посакувавме, не беше затоа што ги избрзавме, туку затоа што српрските градоначалници беа присилени од Белград да си поднесат оставки. Белград изврши притисок да си поднесат оставки, а нашиот Устав предвидува избори ако еден градоначалник поднесе остав ка. Значи, нивен избор беше да се постави Косово во невообичаен процес на предвремени избори, и секако ние го испочитувавме нашиот Устав и најдобрите европски стандарди“,

вели претседателката на Косово. 

Прашана дали тоа што Србите не ги признаваат и ги бојкотираа изборите може да ги блокира преговорите со Белград, Османи-Садриу вели:  

„Надворешното мешање во изборите во Косово извршено од Србија е тоа што може да ги да го оптовари дијалогот, а не демократските и уставни постапки на Косово“ 

Инаку, на 2 мај во Брисел е закажана нова средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на која се очекува да ја потпишат декларацијата за исчезнатите лица за време на последната војна на Косово.   

Во Брисел, Вучиќ и Курти ќе разговарат и за механизмот за самоуправување на српската заедница. 

На средбата, како што објави пред неколку дена специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак се очекува да биде да биде презентиран првиот нацрт-статут на Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово.

Претстојната средба во Брисел е прва меѓу Курти и Вучиќ, по договорот во Охрид каде што на 18 март, со посредство на високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, по повеќе од 12 часа преговори постигнаа согласност за Анексот за имплементација на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Андреевски: Уметноста не познава граници, нејзиниот јазик е универзален

Следно

СЗО: Смртноста од Ковид-19 е намалена за 95 отсто од јануари

Latest from Blog