Одбележување на Светскиот ден на храната

1 min read

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ќе го одбележат Светскиот ден на храната под мотото „Право на храна за подобар живот и подобра иднина: Никој да не биде изоставен.“

Настанот ќе се одржи на живинарската фарма на Тони Димевски, во село Огњанци, општина Петровец, во близина на Скопје. 

– Годинашниот настан ќе се фокусира на значајниот придонес на малите земјоделци, кои произведуваат околу една третина од храната во светот. Тие се вистински „Херои на храната,“ кои помагаат во обезбедување пристапна, здрава и безбедна храна за сите, дури и во предизвикувачки услови. Еден од таквите примери е Тони Димевски, домаќин на настанот и сопственик на живинарската фарма „Домашно пиле,“ која постои од 1999 година, наведуваат организаторите.

Фармата има четири современи објекти за одгледување на бројлерски пилиња со современа опрема и примена на енергетски-ефикасни и одржливи производствени методи – автоматско хранење, напојување со вода, вентилација и греење. Димевски планира да изгради уште шест објекти за одгледување на пилиња со што ќе го дуплира производството. Во моментот, гради и нова сопствена кланица за обработка на пилињата и нивна дистрибуција до маркетите и месарниците, исклучиво свежи. За да обезбеди здрави бројлерски пилиња и квалитетно пилешко месо, Димевски се занимава и со производство на домашна здрава храна на неговите пилиња.

Фармата е семеен бизнис кој го вклучува целото семејство – сопругата, синовите и нивните семејства.

Светскиот ден на храната се одбележува секоја година на 16 октомври кога во 1945 година е основана ФАО. Овој ден има за цел да ја подигне свеста за глобалниот проблем со гладот и да повика на колективна акција за градење одржлива иднина за храната, луѓето и планетата.

Стотици настани во над 150 земји го прават Светскиот ден на храната еден од најпознатите денови во календарот на Обединетите нации, со активно учество на јавноста, владите, локалните заедници, приватниот сектор, граѓанските организации, младите и медиумите.

Секоја година ФАО избира посебна тема за Светскиот ден на храната. Годинава, фокусот е на правото на храни за подобар живот и подобра иднина. Употребата на терминот „храна“ во множина е намерна со цел да се нагласи потребата за разновидност, квалитетна исхрана, достапност и безбедност на храната што се конзумира.

Извор: 24vesti.mk

Претходно

Молина: Мбапе има проблеми со алкохолот

Следно

Си: Кина е подготвена да им биде пријател и партнер на САД, тоа ќе му користи на светот

Latest from Blog