Нормализација на односите со Србија може да се постигне само со заемно признавање, вели Курти

March 1, 2023
2 mins read

Вчера, пак, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е подготвен да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со Приштина, но не и на признавањето и влезот на Косово во ОН

Односите меѓу Косово и Србија треба да се нормализираат, а нормализацијата може да се постигне преку заемно признавање, рече косовскиот премиер Албин Курти во обраќањето на Економскиот форум во Скопје. 

„И претседателот САД, Џо Бајден, секретарот на САД, Ентони Блинкен, германскиот канцелар Олаф Шолц кажаа дека меѓусебното признавање е суштината и централната точка на целосната нормализација на односите. Се обидуваме и работиме, а како основа го имаме предлогот на ЕУ кој ни беше презентиран и на мене и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Го прифативме текстот на тој предлог, му дадовме поддршка во двата главни града како и во Брисел“,

рече Курти.

По средбата во Брисел која во понеделникот српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти ја имаа со европски претставници, најавено е дека следната средба за продолжување на преговорите на релација Белград-Приштина ќе се одржи на 18 март во Скопје.

Според Курти, постојат неколку причини зошто изборот за следната средба паднал токму на метрополата на Северна Македонија. Во оваа насока косовскиот премиер вели дека Скопје е најголемиот град во близина на Приштина и има големо влијание врз целиот регион, зашто, како што нагласи, Северна Македонија напредува во демократијата, владеењето на правото и европската интеграција.

„А во Северна Македонија, поточно во Куманово, беше потпишан т.н. Кумановски договор за капитулација на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ и влез на трупите на НАТО на Косово. Овие симболични елемнети придонесоа за Борел да одлучи следната средба за дијалогот да ја закаже токму во Скопје“,

додаде Курти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во интервју за српскиот јавен радиодифузен сервис изјави дека е подготвен да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со Приштина, но не и на признавањето и влезот на Косово во ОН.

„Станува збор за тоа дека не можеме да зборуваме за меѓусебно признавање и за влез на Косово во Обединетите нации. Додека сум претседател нема да потпишам формално или неформално признавање на Косово, ниту членство во ОН“,

рече Вучиќ.

Вучиќ во интервјуто за РТС посочи дека текстот на европскиот план за нормализација на односите меѓу двете страни ќе биде рамка на преговарачкиот процес и дека тој повеќе нема да може да се менува.

На маргините на Економскиот форум во Скопје, денеска премиерот Димитар Ковачевски остварил средба со неговиот косовски колега Албин Курти кому му ја пренел поддршката на земјава и го поздравил постигнатиот договор за прифаќање на европскиот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој, како што вели, ќе го гарантира мирот не само во двете земји туку и во целиот регион.

Ковачевски во оваа насока нагласил дека Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ е подготвена да им помогне на двете страни во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Финскиот Парламент го одобри влезот во НАТО

Следно

Киев: Украинската армија би можела да се повлече од Бахмут

Latest from Blog

Македонија ја зголемува енергетската сигурност со нови зелени капацитети

Македонија бележи забрзан развој на обновливите извори на енергија, а растот на инсталираните капацитети веќе ја надминува динамиката предвидена со Националниот план за енергија и клима (НПЕК). Ова е наведено во најновиот

Трамп повторно изјави дека се надева оти крајот на војната против Иран е близу

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева дека крајот на војната против Иран е близу, бидејќи конфликтот, кој е во седмиот месец, ескалираше кога саудиските авиони  го бомбардираа Јемен, а  Хутите

Комуналец Прилеп со порака: Чиста Могила за уживање на сите

Парк-шумата Могила во Прилеп во моментов е чиста и уредна, информираат од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп. Од претпријатието упатија благодарност до граѓаните кои со своето однесување придонесуваат просторот да остане чист и
Go toTop