Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, доцна вечерва извршија увид во градежните активности на автопатот Охрид–Кичево.
Николоски информираше дека од утре во употреба се пушта клучката Требеништа, со што се заокружува уште еден значаен сегмент од автопатската делница.
„На автопатот Охрид–Кичево се работи и доцна навечер, имајќи ги предвид поволните временски услови. Со тоа ја потврдуваме нашата решителност и посветеност да го доизградиме автопатот во предвидениот рок“, објави Николоски.
Тој нагласи дека паралелно се работи и на споредните патишта кои претходно не биле предвидени, со цел да се обезбеди поврзаност на сите населени места во регионот.
„Кога се има јасна цел, силна координација и волја – резултатите се неизбежни. Покажуваме континуитет и одговорност во реализацијата на капиталните проекти од стратешко значење за државата“, истакна Николоски.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека изградбата на автопатот Охрид–Кичево продолжува со засилена динамика, со цел негово целосно завршување во предвидениот рок.


