Наместо односите со Македонија, датумот за новите избори на дневен ред на бугарскиот парламент  

3 mins read

За денеска беше најавена вонредна седница на бугарскиот парламент на која требаше да говори шефот на дипломатијата, Милков за случајот со претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков и воопшто, како што беше пренесно од бугарските медиуми, нападите на Бугарите во Македонија. Но, откако претседателката на БСП, Корнелија Нинова му ја врати на Радев празна папката со мандатот за формирање влада, што тој ѝ го довери пред една недела, говорницата во бугарскиот парламент место Милков ја зазеде претседателката на Централната изборна комисија, Камелија Нејкова

Бугарскиoт парламент ја одложи расправата за односите со С Македонија, откако во законодавниот дом не се појави техничкиот министер за надворешни работи на земјата кој требаше, според најавите, да реферира за случајот со нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и воопшто за нападите врз Бугарите во Македонија.

Лидерката на БСП, Конрелија Нинова како трет мандатар не успеа да состави влада, поради што во бугарскиот парламент во тек е дебата околу датум на одржување на новите парламентарни избори – петти во две години/Фото: Архива
 

Дека дебата мора да биде одложена информираше потпретседателот на бугарскиот парламент, Росен Жељазков на почетокот на седницата, кој рече дека добиле допис од министерството за надворешни работи дека Милков има неодложно службено патување.

Предлогот за ставање на оваа точка на дневниот ред на денешната седница беше на барање на партијата Преродба и на собраниската комисија за политики за Бугарите во странство.

Откако стана јасно дека сослушувањето на Милков отпаѓа од дневниот ред, говорницата во бугарскиот парламент, место Милков, ја зазеде претседателката на Централната изборна комисија, Камелија Нејкова.

Имено денеска, претседателката на БСП, Корнелија Нинова му ја врати на Радев празна папката со манадатот за формирање влада, што тој ѝ го довери пред една недела.

„Народното собрание ја сослушува претседателката на Централната изборна комисија Камелија Нејкова во врска со подготовките за претстојните парламентарни избори, вклучително и резултатите од тестовите за гласање со хартиено ливче“,

пишува БНТ.

Претседателката на ЦИК им порача на пратениците дека комисијата е подготвена да одржи избори на 2 април.

Инаку, шефот на бугарската дипломатија Милков вчера во Брисел на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, го покренал прашањето за „случаите на зголемен притисок врз претставниците на бугарското малцинство во Македонија“ и побарал од нив да заземат став на солидарност.

Милков ова прашање, кое не било на дневен ред, пред своите колеги во Советот на ЕУ го покренал на крајот од состанокот на кој шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ одлучуваа за нова транша од 500 милиони евра помош за Украина.  

Во меѓувреме, бугарското МНР го повика на консултации во Софија амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов поради, како што се наведува, сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија.

Причината за неговото привремено враќање во земјата, како што посочуваат од бугарското МНР, е сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци: подметнување пожар на културниот клуб „Иван Михајлов“-Битола во јуни 2022 година, трите напади на зградата на клубот „Цар Борис III“-Охрид, вклучително и пукање со огнено оружје на 24 ноември 2022 година, агресивната антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија, бруталниот напад на 19 јануари 2023 година на Христијан Пендиков, секретар на организацијата „Цар Борис III“ во градот Охрид, како и донесувањето на дискриминаторскиот закон за фондации и здруженија во Северна Македонија во ноември 2022 година.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера, по состанокот на Советот за безбедност, ја информира јавноста дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез на европратеник и уште неколкумина бугарски државјани.

Иако не го спомена со име и презиме, повеќе од јасно е дека станува збор за европратеникот од Бугарија, Ангел Џамбаски, кој е познат по националистичката и навредлива реторика кон С Македонија и македонскиот народ во историски, но и во контекст на актуелните политички случувања и настани.

Ваквиот предлог од Пендаровски доаѓа откако, како што рече, сите анализи и проценки на надлежните служби во земјава, говорат дека организирани структури во Бугарија, кои спроведуваат антидржавни кампањи кон земјава, се мобилизирани да поддржат организирано доаѓање на одбележувањето на 4 февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев, кое од овие причини има третман на настан со висок безбедносен ризик.

Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски рече дека организираните структури од Бугарија кои спроведуваат антидржавни кампањи кон С Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Три лица каснати од улични кучиња во Скопје

Следно

Холандија испраќа осум моќни авиони Ф-35 во Полска

Latest from Blog