МВР со детали за големата акција во Скопје во која се апсеше за дрога

1 min read

Вчера (16.03.2023) во Скопје од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал лишeни се од слобода пет лица, и тоа Д.Т.(25), Е.М.(35), Ж.П(46), С.Ч.З. ( 38), Б.Ф (44), сите од Скопје, информираа денеска од МВР. 

Извршени се претреси на седум локации во Скопје и при тоа била откриена лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со вредност од околу половина милион евра, доколку била продадена преку уличните дилери.

Имено, пронајдени се синтетичка дрога амфетамин во количина од околу седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, околу 3000 таблети екстази, автоматска пушка „калашников“, 667 куршуми различен калибар, рамка за автоматска пушка, две рамки за пиштол, повеќе дигитални ваги со остатоци од амфетамин, опрема за производство на синтетичка дрога амфетамин, калапи за амфетамин, поголема количина на течност за производство на синтетичка амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога и четири патнички возила.

Претходно, во текот на месеците јануари, февруари и март 2023 година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скопје, беше спроведено криминалистичко истражување насочено кон лица улични дилери, кои вршат продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје при што веќе беа лишени од слобода три лица Д.Т ( 33) , Д.М ( 37) и Ј. С ( 41) сите од Скопје кои набавувале синтетички дроги и кои се веќе кривично процесуирани.

Приведените лица подолго време биле инволвирани во улична продажба на синтетичка дрога амфетамин на подрачјето на Скопје за што изнајмиле повеќе станови во центарот на Скопје, како и во населбата Ѓорче Петров, кои ги користеле како депо за чување, производство и пакување на синтетички дроги и во нив преземале мерки на заштита со инсталирање на видео надзори. Дрогата ја продавале по 2000 денари за грам амфетамин, 3000 денари за грам кокаин, 600 денари за таблета екстази, а пакување марихуана за 1000 денари.

Од страна на СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје денеска ќе биде поднесена кривична пријава за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Вакви активности полицијата спроведува и во другите градови од државата.

Од почетокот на оваа недела извршени се 36 претреси, приведени се 32 лица, при што запленет е амфетамин, екстази, марихуана и други видови дрога. Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со преземање на засилени мерки и активности во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични и синтетички дроги со цел заштита на граѓаните. Овие дроги претставуваат голема опасност по здравјето на луѓето и сузбивањето на ваквата појава е еден од приоритетите на МВР, рече денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.  

ИЗВОР: skopjeinfo.mk

Претходно

Кинескиот претседател Си ќе ја посети Русија следната недела

Следно

НАТО денеска одлучува каде ќе биде инвестицискиот фонд на Алијансата

Latest from Blog