МОН инвестира 36 милиони денари, се надградува основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани

1 min read

Почнува надградбата на основното училиште „Ацо Шопов“ во општина Бутел, Скопје. За девет месеци, училиштето ќе добие 4 нови училници, со што тука ќе можат да учат уште 100-тина ученици.

„За Министерството за образование и наука, оваа инвестиција од 36 милиони денари е инвестиција во поквалитетно образование, во создавање просторни можности за целосна реализација на потребните наставни и воннаставни активности, израз на нашата грижа и посветеност кон децата и младите кои се иднината на оваа земја“, рече министерката Весна Јаневска на одбележувањето на почетокот на градежните работи. На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицковски и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.

Со надградбата, веќе од наредната школска година, на сите ученици од 1 до 3 одделение во училиштето, им се овозможува целодневна настава.

Министерката нагласи дека без квалитетни услови во кои се изведува наставата нема ниту квалитетно образование. Затоа, во тек се 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта, во целата земја, како и 40 помали санации на училишни објекти.

Образованието е еден од приоритетите на новата Влада, рече министерката, додавајќи дека интензивните вложувања во инфраструктура ќе продолжат. Буџетот на Министерството за образование и наука за 2025 година ќе изнесува 40 милијарди денари, за 10 милијарди повеќе од годинава, што ја покажува посветеноста кон инвестиции во децата, во нивните знаења и вештини, во градењето здрави поколенија.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Двајца пациенти добија органи од починат донор – во добра состојба се!

Следно

Едномесечен притвор на поранешниот хрватски министер за здравство

Latest from Blog