Министерот Владо Мисајловски денеска (5 февруари) во Министерство за одбрана се сретна со новоназначениот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери и одбранбеното аташе, полковникот Кристијан Маргерити.
Мисајловски му посака добредојде на амбасадорот Палминтери и му порача дека Министерството е целосно посветено на развојот на македонско – италијанската одбранбена соработка како соработка помеѓу две сојузнички земји во НАТО.
„Високиот степен на реализација на активностите од Планот за билатерална соработка за минатата година и интензивната работа на овогодинешниот План кој очекуваме да се потпише во март, за време на билатералните консултации помеѓу двете земји е доказ дека имаме заеднички цели, дека соработуваме на највисоко ниво и дека сме целосно посветени во унапредување на сите области во одбраната“, рече Мисајловски.
Министерот Мисајловски во контекст на набавката на хеликоптерите од италијанската компанија „Леонардо“ побара поддршка за заеднички и транспарентно решавање на наследените правни недоречености на највисоко ниво.
Македонско – италијанската повеќедецениска соработка е видлива во повеќе области на одбраната и тоа преку експертски разговори и семинари во областа на цивилно-воената соработка, военото воздухопловството, логистиката, воената полиција, сајбер-безбедноста, трансформацијата на системот за обука и едукација и слично. Изминатите години припадниците на двете Армии во повеќе наврати заеднички учествуваа и во големи воени вежби со кои ја развиваа интероперабилноста, како клучен столб на заедничкото делување во зацврстувањето на безбедноста на територијата на НАТО.
Основа на билатералната соработка во областа на одбраната помеѓу двете земји е Спогодбата за билатерална воена соработка потпишана во Скопје во 1997 година.
ИЗВОР: ТВ 21