Лука Модриќ во дресот на Милан и во следната 2026/27 сезона? Да, и тоа како е возможно. Хрватот одигра речиси илјада минути за „росонерите“, стартирајќи ги сите единаесет натпревари во Серија А, и стана клучен играч и пример за целиот тим. Иако конечната одлука за продолжување на договорот требаше да се донесе напролет, неговите одлични настапи го натераа клубот веќе да размисли за продолжување на соработката, пишува Gazzetta.it.
Секако дека ова е голема сензација, ако се знае дека Модриќ во Милан дојде само на една сезона, со цел да биде во топ – форма за Мундијалот а потоа да оди во играчка пензија.
Но…
Медиумите во Италија го фалат за неговата посветеност. Тој стана пример за своите соиграчи, а се вели дека убедил ѕвезда како Леао да работи понапорно за тимот.
И покрај Златната топка во 2018 година и бројните трофеи, сите во Миланело ја фалат неговата скромност. Модриќ е исто така рекордер за хрватската репрезентација со 192 настапи и 28 гола, и е на прагот на своето петто Светско првенство, откако ја предводеше Хрватска до сребро во 2018 година и бронза во 2022 година.
Тој потпиша едногодишен договор ова лето со опција за продолжување за уште една сезона. Со оглед на тоа како се развиваат работите, активирањето на таа опција се чини како завршена работа, што би го задржало во Милано до јуни 2027 година.
Покрај успехот со репрезентацијата, Модриќ има и лична амбиција: да го сруши рекордот на Златан Ибрахимовиќ, кој со 41 година и 146 дена е најстариот играч на Милан што играл во Серија А.
Извор: vecer.mk


