Легендарниот германски фудбалер Лотар Матеус не штедеше пофалби за младиот голман на Баерн Минхен, Јонас Урбиг, во кого гледа потенцијален наследник на Мануел Нојер на голот на баварскиот гигант.
Дваесет и тригодишниот чувар на мрежата со своите настапи во дресот на Баерн и германската репрезентација оставил одличен впечаток кај поранешниот капитен на Германија. Матеус особено ги истакнува неговата смиреност, сигурноста со топката и способноста активно да учествува во изградбата на нападите.
„Се претстави извонредно, и на теренот и надвор од него, како во Баерн така и во репрезентацијата. Начинот на кој игра и леснотијата со која ја контролира топката ме потсетуваат на Мануел Нојер“, изјави Матеус во емисијата „Скај90“.
Поранешниот германски репрезентативец отиде и чекор понатаму, споредувајќи го младиот голман со Марк-Андре тер Штеген, еден од најдобрите чувари на мрежата во неговата генерација.
„Смиреноста со која игра со топката и ги започнува нападите е дури и подобра од онаа на Тер Штеген. Урбиг е попрецизен, појасен и посмирен во своите потези. А сето тоа го прави на толку млада возраст. Затоа реков дека ме потсетува на младиот Мануел Нојер“, нагласи Матеус.
Во моментов, Урбиг е втора опција на Баерн, зад искусниот Нојер, но сè поголемо внимание се посветува на неговата иднина и можноста во наредниот период да ја преземе улогата на прв голман на минхенскиот клуб.
Се очекува младиот Германец да добие шанса и на натпреварот од Лигата на шампионите против Викинг од Ставангер, што би бил негов трет настап оваа сезона. Баерн планира да ја распределува минутажата меѓу двајцата голмани, а Урбиг да стекнува дополнително искуство на највисоко ниво.
Матеус верува дека прашање на време е кога младиот голман ќе го наследи Нојер.
„Тој сè уште учи од Мануел Нојер и на крајот ќе го замени, без разлика дали тоа ќе се случи во текот на оваа сезона или најдоцна по нејзиниот крај“, смета легендарниот Германец.
Матеус очекува Урбиг да добие значителна минутажа во актуелната сезона, а неговите амбиции одат дотаму што го гледа и како сериозен кандидат за местото прв голман на германската репрезентација на Европското првенство во 2028 година.
Извор: sportmanija.mk


