Во рамки на програмата „Приказна за градот херој“, по повод одбележувањето на 85 години од 11 Октомври – Денот на народното востание, во Прилеп беа презентирани современата опрема, техничките средства и оперативните капацитети на македонската Армија.
Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека настанот ја поврзува храброста и пожртвуваноста на претходните генерации со професионалноста и подготвеноста на денешните припадници на Армијата.
„Особено ми е драго што прилепчани имаа можност одблизу да се запознаат со современата воена опрема и капацитетите на Армијата, која е еден од столбовите на безбедноста, стабилноста и заштитата на нашата држава и граѓаните“, нагласи Проданоски.
Тој ја истакна и поврзаноста на Прилеп со артилерискиот баталјон „Мирче Ацев“, посочувајќи дека неговото присуство во градот дополнително ја зацврстува врската меѓу прилепчани и Армијата.
Проданоски упати благодарност до началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, до командантите и до сите припадници на Армијата за соработката и учеството во одбележувањето на јубилејот.
„11 Октомври е симбол на слободата, храброста и непокорот. Наша обврска е да го чуваме споменот на минатото, да ги почитуваме вредностите врз кои е создадена нашата држава и заедно да градиме сигурна иднина за сите граѓани“, порача градоначалникот.


