Условот е Киев да престане со нападите со оружје со долг дострел врз руските енергетски постројки. Двајца европски претставници ја потврдија оваа информација за Си-ен-ен (CNN).
За време на викендот, Стејт департментот и Пентагон упатија предупредувања до украинските и европските претставници, додека американската војска директно стапила во контакт со командантите во Украина.
Друг извор запознаен со ситуацијата потврди дека САД се заканиле оти ќе ја прекинат размената на разузнавачки податоци. „Фајненшл тајмс“ прв објави за заканите за прекин на соработката и на набавката на оружје.
„Му се јавуваат на Киев… Им се јавуваат на сите во Европа“, изјави еден од функционерите што примиле повик од Министерството за одбрана на САД.
Заканите доаѓаат во момент кога претседателот Доналд Трамп е крајно незадоволен од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради нападите врз руските рафинерии.
Трамп долго време смета дека војната меѓу Украина и Русија е причина за растот на цените на дизелот на светскиот пазар и бара од двете страни да ги прекинат нападите врз енергетските капацитети. Кон високите цени придонесе и конфликтот на САД со Иран.
Еден европски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека споделувањето разузнавачки информации и набавката на оружје се „клучни“ за Украина. Тој ја опиша заканата како „тажен ден“ за Киев и неговите сојузници. Доколку заканите од САД се остварат, последиците по украинската одбрана би биле моментални.
Извор: vecer.mk

