Курти постави услови за формирање на Заедницата на српски општини

1 min read

Еден од условите кои ги претстави косовскиот премиер за формирање на ЗСО се и Заедницата да не биде моноетничка и да го смени името, како и тоа дека таа да не може да има никакви извршни овластувања, односно да служи исклучиво за соработка меѓу општините. Меѓу условите на Курти е и дека Вучиќ треба да ги повлече писмата испратени до петте земји членки на ЕУ за неприфаќање на апликацијата на Косово за членство во Унијата

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) може да се разгледува под неколку услови, од кои еден е дека таа мора да биде во согласност со Уставот и законите кои се активни и се во сила во Косово.

Потоа, како што додаде, Заедницата да не може да биде моноетничка и да го смени името. Еден од условите е Заедницата да не може да има никакви извршни овластувања, односно да служи исклучиво за соработка меѓу општините, врз основа на Законот за локална самоуправа.

Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) е договорена во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, кој се води од 2011 година преку Европската Унија.

Додека Белград инсистира да не се формира, Приштина одбива такво нешто со образложение дека не се можни здруженија на национална основа, но и поради загриженоста дека може да стане нов ентитет како Република Српска во Босна и Херцеговина.

„Правата на националните малцинства и соодветните механизми за заштита треба да го зајакнат принципот на реципроцитет меѓу двете држави, како и да ги земат предвид европските стандарди и модели“,

рече косовскиот премиер претставувајќи ги условите за евентуално формирање на ЗСО.

Како предуслов за формирање на Заедницата, Курти го наведе затворањето на, како што рече, нелегалните структури на северот на Косово и прифаќање на повелбата на ОН за меѓудржавни односи.

„Здружувањето е дел од конечниот договор и ќе се спроведува дури по меѓусебното признавање“,

додаде тој.

Курти рече дека еден од условите е претседателот на Србија треба да ги повлече писмата испратени до петте земји членки на ЕУ за неприфаќање на апликацијата на Косово за членство во Европската Унија.

Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) првпат беше договорено во 2013 година како дел од дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, со посредство на Европската Унија.

Уставниот суд на Косово на 23 декември 2015 година утврди дека општите принципи на Заедницата, договорени истата година меѓу Косово и Србија, не се целосно во согласност со Уставот на Косово.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Меџити: Оваа коалиција не е за Европа туку за спас на Артан Груби!

Следно

Мисајловски до граѓаните: Не подлегнувајте под влијание на бугарски политичари кои намерно предизвикуваат гнев кај нашиот народ

Latest from Blog