Курти останува на ставот дека не е можно формирање моноетничка заедница на Косово

1 min read

Косовскиот премиер изјави дека Србија е таа што сака етнички поделби на Косово и ѝ порача „да го направи тоа во својата куќа“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ)

Косовскиот премиер Албин Курти денеска го повтори ставот дека мултиетничкиот устав не дозволува формирање моноетничка заедница.

Тој ова го изјави во Урошевац од каде што рече дека Србија е таа што сака етнички поделби на Косово и ѝ порача „да го направи тоа во својата куќа“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Косовскиот премиер изјави дека е отворен за разговори со Србија, но дека прво мора да ги почитува Уставот и законите на Косово/Фото: Архива

Заедницата на општините со српско мнозинство е договорена во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, кој се води со посредство на Европската Унија.

Додека Белград инсистира на нејзино формирање, Приштина одбива со образложение дека Уставот не дозволува здружување на национална основа, но и поради загриженост дека Заедницата може да прерасне во нов ентитет, како што е Република Српска во Босна и Херцеговина.

„Националните малцинства во Србија сочинуваат околу 20 проценти, националните малцинства во Косово се околу седум проценти (од населението). Заедница на општини со српско мнозинство во Косово, а Прешево, Медвеѓа и Бујановац имаат само Национален совет, тоа е неправедно, штетно и неприфатливо“,

рече Курти.

Косовскиот премиер изјави дека е отворен за разговори со Србија за нормализација на односите врз основа на предлозите на ЕУ, но дека прво мора да ги почитува Уставот и законите на Косово.

Поради одбивањето на Косово да започне со формирање на Заедницата на српски општини, Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Приштина вчера одржа дискусија на оваа тема, на која присуствуваа претставници на Владата и Претседателството на Косово, како и опозициските политички партии и граѓанското општество.

Амбасадорот на САД во Косово Џефри Ховениер, рече дека неговата земја не поддржува никаков договор што го прекршува Уставот на Косово или што го загрозува суверенитетот, независноста и мултиетничкиот карактер на Косово.

Сепак, тој подвлече дека САД очекуваат Косово да ги исполни своите обврски и повторно ја повика Владата да даде свои предлози за формирање на заедницата на општини со српско мнозинство.

Од Косово претходно беше побарано да ги стави на маса своите предлози за формирање на Заедницата, но Владата на премиерот Курти сепак не го стори тоа.

Формирањето на Заедницата на српски општини првпат беше договорено во 2013 година како дел од дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, со посредство на Европската Унија.

Потоа во 2015 година беа воспоставени принципите, но Уставниот суд на Косово изјави дека тие не се во согласност со 23 члена од Уставот на Косово, со заклучок дека сè уште може да се усогласат со статут или некој подзаконски акт.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Тепачка меѓу двајца мажи на Бит Пазар

Следно

Ники Хејли ќе се кандидира за претседател на САД

Latest from Blog