Куновска контра иницијативата на Герасимовски за дивоградбите: Простете, но ова е опасна игра!

2 mins read

Актерката и екс-пратеничка Софија Куновска контра иницијативата на градоначалникот на скопски Центар Горан Герасимовски кој предложи дивоградбите да не се рушат туку да се стават во служба на граѓаните

-Простете, но ова е опасна игра од која сите сме губитници, вели Куновска. 

Еве што вели таа за оваа иницијатива:

-Деновиве сведочиме на иницијатива за конфискација на диво изградени објекти. Морници ме полазија од помислата колку големо незнаење и неодговорност содржи оваа идеја во себе.

Настрана правните недоследности кои произлегуваат од ваквата замисла, гласно се прашувам, а ги прашувам јавно архитектите и урбанистите, дали има некој стоички, стручно и доследно да ги објасни аспектите на поимот дива градба и зошто ваквата појава треба да биде најсилно санкционирана.

Дали предлагачот на ваквото решение смета дека сите досегашни учесници во создавање на регулатива за ова прашање биле недоветни, необразовани и бездарници па еве требаше да го дочекаме токму него за да ни се случи “Еурека”? Простете, но ова е опасна игра од која сите сме губитници.

Минимум што треба да разбере предлагачот, градоначалникот Горан Герасимовски, е дека својата неефикасност или недостатокот на воља да санкционира и безмилосно да руши диви градби, не може да ја премости со идејата дека диви градби треба да бидат конфискувани. Тоа е негова законска обврска. Ваквата идеја стимулира безредие и отвара уште едно чешмиче за мито и корупција. Нека си направи со време консултации со Уставниот суд, освен ако идејата не му е само купување време.

Прост пример, ако некој утре реши диво да си изгради огромен објект на столбови среде Вардар, дали градоначалникот сака да каже дека не е проблем каде тој се наоѓа, колкав е неговиот габарит, туку чиј е објектот?

Дали е помалку важно дека таквиот објект е потенцијална опасност од поплава за градот и дека суштината е далеку поголема од простата мисла чиј ќе бил објектот?

Неподнослива леснотија со која се произведува “голема мисла” од “ малиот мозок”.

Па читам уште и министерот за правда немал ништо против.

Пред да ги запоседнат фотељите можеби е добро да поминат некоја мала вечерна школа на која некој ќе им објасни дека плановите за градење во општината, без оглед дали се детални урбанистички планови ДУП, или генерален урбанистички план, ГУП, се Устав на општината или градот според кои треба да се водат.

Со нив се УРЕДУВА местото на опфат за да не владее анархија и жителите да имаат хуманизиран простор. Тоа се највисоките акти кои се носат врз основа на многу статистички податоци и урбанистички правила, кои треба да водат сметка за многу аспекти на современото живеење. Тие треба да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, прецизно да го детектираат демографскиот, економскиот, културниот развој на подрачјето на опфат на планот и неговата усогласеност со останатите опфати во својата околина, да водат сметка за квалитетот на животот на граѓанинот, чист воздуж, зеленило, светлина, густина на населеност, енергетска сообраќајна и секаква друга инфраструктура и да земат предвид уште многу, многу други содржини кои се рефлексија на потребите на луѓето денес, заради кои се уредува тој простор, но и визија за развој на истиот со децении натаму. Урбанизмот е сериозна наука на која просто не може да и се приоѓа на овој начин.

Ваквата “пљукни-залепи” политика која датира од времето на Груевски, но која евидентно инфицира и вон неговите редови, обландирана во незнаење и неодговорност, нас не носи на местото на еден од најнеразвиените градови во поширокиот регион. Тирана одамна не престигна, а на пат е и Приштина да го стори истото, пишуваа таа. 

ИЗВОР: skopjeinfo.mk

Претходно

Мексико: Спасена група туристи кои претходно биле киднапирани од вооружени банди

Следно

ИЗРАЕЛ СЕ МОБИЛИЗИРА Полицијата и војската на готовс поради терористички напади

Latest from Blog