Кривичниот суд вчера соопшти дека е одобрен обвинителниот акт против Љупчо Палевски Палчо кој се товари дека бил организатор на грабнувањата и извршител на убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. За истиот настан претходно беа обвинети уште 4 лица, а првото рочиште е закажано за во среда, каде се очекува постапката по барање на обвинителството да биде споена.
Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.
Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи во оценка на обвинение против Љ.П. осомничен за две кривични дела – Убиство и две кривични дела – Грабнување, а поврзани со убиството на малолетната В.Ѓ од Скопје и Велешанецот П.Ж. во ноември 2023 година, донесе решение со кое Обвинителниот акт се одобрува во целост.
Од Кривичниот суд додаваат дека за евнтуални промени во терминот, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.
Извор: 24vesti.mk