Тони Коњановски денеска истакна дека изработката на Стратегијата за развој на урбано зеленило и воведувањето на подземни садови за отпад претставуваат две суштински мерки кои директно влијаат врз подобрувањето на квалитетот на урбаниот простор, јавното здравје и секојдневниот живот на граѓаните.
Тој учествуваше на трибината „Локални мерки за заштита на животната средина во Битола: предизвици и следни чекори“, организирана од Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола, во рамки на проектот „Зајакнување на локалната отчетност преку граѓански мониторинг во Битола и Кичево“.
Во своето обраќање, Коњановски нагласи дека согласно Законот за урбано зеленило, општините имаат обврска да подготват стратегиски документи кои ги насочуваат планските решенија за зеленилото во сите урбанистички планови и проекти, како и неговата заштита и унапредување.
Тој информираше дека Општина Битола е во фаза на изработка на техничка спецификација за јавна набавка за избор на изработувач на Стратегијата за развој на зеленилото, која ќе претставува основа за идното урбанистичко планирање.
Посебен акцент беше ставен и на Зелениот катастар на општината, кој, како што беше истакнато, претставува современ систем за евиденција и мониторинг на зелените површини и урбаната дендрофлора.
На панел-дискусијата учествуваа и директорот на ЈП „Комуналец“ Битола, Горан Степановски, претставникот од Здружението „Геосфера“ Битола, Тони Гештаковски, и претседателката на Организацијата на жени на општина Битола, Светлана Петковска, додека презентација за мониторирање на општинската програма имаше Целе Јолевски, проектен монитор.
