Излезноста на парламентарните избори во Грција до 13:30 часот е 31,52 отсто

1 min read

Оваа година, првпат во Грција се соопштуваат податоци за излезноста додека е во тек гласањето на граѓаните

Во 80 отсто од гласачките места во цела Грција, до 13:30 часот, излезноста на парламентарните избори е 31,52 отсто согласно официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Грција надлежно за изборниот процес, јавува дописникот на МИА од Атина.

Генералниот секретар во Министерството, Михалис Ставрианудакис, соопштувајќи ги податоците рече дека излезноста е од 16 520 гласачки места, односно 80 отсто од вкупниот број.

Оваа година, првпат во Грција се соопштуваат податоци за излезноста додека е во тек гласањето на граѓаните.

Следните податоци ќе бидат соопштени околу 17 часот.

Првите официјални резултати од денешните избори, Министерството за внатрешни работи се очекува да ги објави околу 21 часот по локално време.

Два часа претходно, штом се затворат гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.

Нова демократија на чело со премиерот Киријакос Мицотакис, според анкетите, ќе добие меѓу 31 и 38 отсто од гласовите, а на второ место е левичарската опозициска партија Сириза, која би требало да има 4-7 процентни поени помалку. Агенциите за испитување на јавното мислење велат дека на партиите им требаат повеќе од 45 отсто од гласовите за да победат целосно.

Кризата за трошоците на животот беше централна тема на изборната кампања, а партиите се обидоа да ги придобијат гласачите со ветувања дека ќе ја зголемат минималната плата и ќе отворат нови работни места. Растот на цените имаше интензивно влијание врз Грците, чиј животен стандард беше значително нарушен за време на десетгодишната должничка криза.

Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Лидерите на Г7 повикаа на соработка во борбата против глобалната криза со храна

Следно

„Аудиција“ според текст на Александар Галин во режија на Владимир Милчин вечерва премиерно во Прилепскиот театар

Latest from Blog