Изградбата на трамвај и метро е скапа, хаосот во сообраќајот во Скопје може да се реши со БРТ

4 mins read

Скопје се соочува со сериозни проблеми во врска со нарушениот јавен превоз и загадениот воздух, а и политичките несогласувања кои започнаа уште во 2022 година, меѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата која ја донесе на власт ВМРО-ДПМНЕ, создаден невиден хаос во градот.

Недостатокот на ефикасни превозни линии, нередовни распореди, стари возила и недостаток на средства за одржување создаваат неудобности и загуби на време за патниците.

Жена која од бизнисот доаѓа со релативно успешна аура во јавноста, која како успешен менаџер ќе ги решава проблемите и која ќе го гледа Градот Скопје како свој дом. Со овие зборови ја опишуваше лидерот на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска власт, Христијан Мицкоски Арсовска за време на изборната кампања.

Една година подоцна Арсовска се пожали дека токму партијата која што ја поддржа на минатогодишните локални избори го блокира финансирањето на фудбалскиот клуб Вардар, субвенциите за скопјани и изградба на нови улици со блокирањето на градскиот буџет, а најголема жртва е ЈСП.

Но како дојде до оваа блокада ?

Кавгата во неформалната коалиција не настана од иделошки причини, туку за тендер вреден 136 милиони евра. Проблемот во јавноста се дозна со разрешувањето директорот на јавно претпријатие Водовод Златко Пирински поради тендерот за изградба на Пречистителна станица.

По ова следеа низа разрешувања и откази на директори кои доаѓаа од редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, а за кои Арсовска од говорницата во Советот на Град Скопје обвинуваше дека „ги фатила со рачињата во медот“. Ни Мицкоски не беше поштеден, за него Арсовска вели дека „шпицниот градоначалник не може да излезе од тендер матрицата“. Епитетот „шпицен“ произлезе од парламентарните избори на кои лидерот на ВМРО ДПМНЕ сам се нарече шпицен кандидат за премиер без да се стави на изборните листи.

Кавгите јавно кулминираа со расправијата околу микрофонот во Советот на Град Скопје.

Мицкоски кусо потврди дека е објавена војна меѓу ВМРО ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска, но тој и сопартиците јавно се воздржани околку спорот.

Расправијата околу тендерот на површина исфрли и бројни други „валкани алишта“, кои како товар се влечат зад речиси секоја градска власт – прекумерни и партиски вработувања, сомнителни договори и тендери, бизнис зделки.

Бесплатен јавен превоз

Ветувањето за бесплатен јавен превоз беше еден од клучните адути на Арсовска за време на локалните избори. Една година откако таа стана градоначалничка ова ветување станува уште подалечно, исто како и изградбата на БРТ – брзиот автобуски транспортен систем во Скопје.

БРТ беше проект на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, а Европската банка за обнова и развој го оцени како добар и одобри кредит од 70 милиони евра, за кој се плаќа казна затоа што не е реализиран.

Арсовска кога дојде на власт исто така рече и дека на скопјани им ветила еко-автобуси, а не автобуско метро. Но за жал скопјани веќе трета година се жртви на овој проблем, автобуси нема, тие што ги има се неисправни, а за набавка на нови советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат ниту за БРТ, ниту пак за еколошки автобуси. Проблемот ќе се решавал догодина на избори.

Bus Rapid Transit е решение за Скопје

Bus Rapid Transit (BRT) или брзиот автобуски превоз ако е проектиран и реализиран како што треба, апсолутно може значајно да допринесе во решавањето на проблемите на сообраќајот во Скопје, вели Проф. др. сц. Никола Крстаноски за Рацин.мк.

Тој понатаму кажува дека би било одлично кога Скопје би можело да изгради метро систем. Градови многу помали од Скопје веќе имаат метро линии кои обезбедуваат брз, ефикасен, масовен превоз во градот. Но, метрото е премногу скапо и во овој момент недостижна цел за Скопје.

„Во поново време имаше повеќе проекти за воведување на трамвај (во времето на градоначелниците Трифун Костовски и Коце Трајановски). Но тие проекти исто така покажаа дека трамвајот е премногу скап. Тогаш како единствена поефтина опција за да се унапреди јавниот градски превоз во Скопје остана брзиот автобуски систем, кој во современи услови ги достигнува сите предности кои би ги имал и трамвајот“, вели Крстаноски, додавајќи дека за жал, во нашата јавност, а и меѓу политичарите остана малку познато што всушност претставува БРТ.

Професорот Крстаноски за Рацин.мк.мк вели дека Скопје со својата големина со број на жители и површина мора да го направи следниот чекор, односно воведување на вискокапацитативен брз превоз кој ќе биде физички одвоен и независен од метежот во останатиот сообраќај и ќе работи со возила со поголем капацитет и со еколошки погон.

„Овие напредни видови на јавен превоз со својата квалитетна и брза услуга ќе се наметнат на граѓаните како најдобра опција за движење низ градот. Ако нема квалитена понуда на јавниот градски превоз, може да се прават безброј кампањи во стилот „употребувајте јавен градски превоз за почист воздух“, но од тоа нема да има никакви видливи резултати“.

Што е Брз автобуски систем (BRT – Bus Rapid Transit)

Професорот експерт за сообраќај Крстаноски вели дека  брзиот автобуски систем е целосно нов вид на јавен градски превоз кој нема никакви допирни точки со класичниот автобус, освен што возилата се автобуси. Основни карактеристики се:

– Физички одвоена траса (подигната со рабник, одвоена со столбчиња) заради брзо и непречено движење од останатиот сообраќај.

– Раскрсниците се во ниво, регулирани со светлосни знаци – семафори со обезбеден приоритет за автобусите. Имено системот го дектектира наидувањето на автобусот кон раскрсницата и променува зелена фаза за него, без обѕир во која фаза бил циклусот.

– На вистински БРТ систем наплата е надвор од возило на станиците кои се од затворен тип според примерот кај метро системите. Некои системи кои имаат електронски систем за наплата, имаат наплата и во возило

– Возилата се најчесто зглобни автобуси, а во поново време има двојно-зглобни авѕобуси со должина и до 27 м и со капацитет до 270 патници по возило.

– Погонот во поново време може да биде на LPG, CNG, батерии со полнење на крајните станици и во поново време со горивни ќелии со водорот како гориво.

Проектот платен, но нереализиран

Во април 2021 година  тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и претставникот на Европската банка за обнова и развој го потпишаа Договорот за „Брзи автобуси“ во Скопје ( Бас Рапид Транзит превоз), во износ од 70 милиони евра.

Со проектот требаше да се воспостават две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. За трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче долга 12,80 километри во една насока, се предвидени 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што требаше  да биде изграден нов терминал.  Шилегов тогаш најави дека најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година.

Во јули 2021 година Град Скопје  имаше и  презентација на системот за брз автобуски превоз во Скопје, што се одржа во хотелот „Хилтон“, на која тогашниот градоначалникотШилегов, кажа дека воведувањето на БРТ системот во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор  во урбаниот развој на градот.

Бус Рапид Транзит (БРТ) е неопходен за Скопје. Тој би решел сообраќајниот хаос, намалил загаденоста на воздухот, обезбедил брз и ефикасен јавен превоз, и подобрил условите за патниците.

Соња Танеска

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

Одбележување на Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест

Следно

Променливо облачно, попладне со повремени врнежи од дожд

Latest from Blog