Избори во Турција: Над 64 милиони турски гласачи одлучуваат за иднината на државата со или без Ердоган

1 min read

За некој од кандидатите денеска да обезбеди целосна победа, ќе му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите. Меѓутоа, доколку ниту еден од четворицата кандидати за претседател на Турција не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе се одржи на 28 мај

ФОТО: EPA-EFE/SEDAT SUNA

Во Турција денеска се одржуваат најклучните избори во модерната историја на кои турските гласачи ќе одлучуваат дали Реџеп Таип Ердоган ќе остане претседател и по 20 години на власт.

Неговиот главен противник, Кемал Киличдароглу, ветува дека ќе укине многу од овластувањата што ги стекна претседателот Ердоган откако го преживеа неуспешниот пуч во 2016 година.

Поддржан од широкиот опозициски сојуз, Киличдароглу има реални шанси да победи.

За некој од кандидатите денеска да обезбеди целосна победа, ќе му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите. Меѓутоа, доколку ниту еден од нив не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе се одржи на 28 мај.

Граѓаните ќе имаат можност да избираат меѓу четворица претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за првпат ќе гласаат над 4,9 милиони турски граѓани.

Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, потоа Мухарем Инџе, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Избирачките места, во 87 региони, ќе бидат отворени од 8 до 17 часот по локално време. Избирачките места ќе бидат отворени и надвор од Турција, во 75 земји и 156 претставништва на оваа земја. Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство. 

Денешните избори се одржуваат во исклучително тешко време за земјата, кога растечката инфлација достигна 44 отсто, иако многумина мислат дека е и повисока, а дури 11 провинции се справуваат со последиците од најуништувачкиот земјотрес во овој век.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на последниот предизборен митинг, одржан синоќа во Истанбул, ја обвини опозицијата дека соработува со американскиот претседател Џо Бајден за да го собори од власт по неговото 20-годишно владеење.

На митинг во истанбулската област Умраније, Ердоган потсети на коментарите на Бајден објавени од „Њујорк тајмс“ во јануари 2020 година, кога тој водеше кампања за Белата куќа. Тогаш Бајден рече дека Вашингтон треба да ги охрабри противниците на Ердоган да го поразат на изборите, нагласувајќи дека тој не треба да биде сменет со државен удар.

„Бајден дал наредба да се собори Ердоган, јас го знам тоа. Тоа го знае целиот мој народ. Ако е така, тогаш гласачките ливчиња ќе го дадат одговорот и на Бајден“,

рече 69-годишниот Ердоган.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент рече дека Турција е долгогодишен сојузник на САД и дека Вашингтон внимателно ќе ги следи изборите, но додаде дека „САД не заземаат страна на изборите“.

„Наш единствен интерес е демократскиот процес, кој треба да биде слободен и фер. Веруваме дека турските власти ќе ги спроведат изборите во согласност со нивната долга, горда демократска традиција и нивните закони“,

рече портпаролот.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Шведска е победник на Евровизија, поп ѕвездата Лорин по втор пат го однесе трофејот

Следно

Спалети: Сигурен сум дека ќе се договориме со раководството на Наполи

Latest from Blog