Засега, информациите говорат дека загинале три лица, а над 200 се повредени
Најмалку три лица загинале во вечерашните земјотреси што ја погодија провинцијата Хатај во јужна Турција, две недели по катастрофалните земјотреси во кои загинаа над 41 000 лица.
Загинатите биле пронајдени во градовите Антакија, Дефне и Самандаги.
Покрај жртвите, јавува „Би-би-си“, турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека вечерва има и 213 повредени.
Сојлу ги повика граѓаните и да не влегуваат во потенцијално опасните згради.
Покрај во Турција, повредени има и во Сирија. Групата за цивилна одбрана „Бели шлемови“ соопшти дека повеќе од 100 луѓе се повредени во делот на Сирија, како и дека се уриваат згради и владее голема паника.
По разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија на 6 февруари, турските власти регистрираа повеќе од 6 000 афтершокови, но денешните земјотреси се почувствувале многу посилно од претходните. Како што веќе објавивме, тие беа во областа Хатај. Првиот беше регистриран во градот Дефне во 20:04 часот по локално време и беше со јачина од 6,4 степени. По три минути, пак, имаше уште еден со јачина од 5,8 степени.
Извор: 360stepeni.mk