Новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски, по примањето на уверението за избор, најави дека веднаш ќе започне со акција за чистење на градот и преземање на конкретни мерки во јавните градски претпријатија.
– Еден од моите приоритети ќе биде средувањето на состојбата во јавниот превоз и јавната хигиена. Во последниот период, иако немав официјално решение, контактирав со дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“, каде состојбата беше алармантна – само 16 камиони беа на услуга на граѓаните. Вечерва, по нашите напори, планираме да ставиме во функција околу 40 камиони – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ќе следи итна адаптација на неисправните автобуси во ЈСП Скопје, како и вклучување на околу 60 приватни автобуси, со цел да се нормализира јавниот транспорт пред зимската сезона, за да студентите, средношколците и повозрасните граѓани не чекаат на долги редици.
Градоначалникот најави и ревизија во работењето на сите јавни градски претпријатија, со цел одговорност за оние што се огрешиле.
– Ќе имам и средби со моите противкандидати од изборите, бидејќи нивните идеи, како и сугестиите на граѓаните, можат да придонесат за подобрување на животот во градот – додаде Ѓорѓиевски.
Одлуката за отстранување на рампите пред Градот Скопје го означува почетокот на пристапноста на институцијата за сите граѓани.
– Градот не е мој, ниту на неколкумина или на политичка партија, туку на народот. И граѓаните и медиумите мора да имаат целосен пристап – нагласи новиот градоначалник.


